Наместо инвестиции, во Неготино ќе се носи опасен експлозивен материјал, реагираат граѓаните
03.12.2020
Граѓаните на Општина Неготино загрижени за своето здравје реагираат на најавата за уништување на гранатите пронајдени во Битола на воениот полигон во Криволак. Особено остри реакции до нашата редакција стигнуваат од жителите на селата Криволак и Пепелиште во чијашто непосредна близина е планирано уништувањето на гранатите.
Голема вознемиреност кај граѓаните на Општина Неготино предизвика најавата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, кој во изјава за медиумите рече дека во договор со Министерството за одбрана, гранатите пронајдени во Битола ќе се уништуваат на воениот полигон во Криволак. Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека се работи за вкупно 110 тона односно 12.300 артилериски гранати со експлозивен материјал, кои датираат од Првата светска војна.
Во сезона на огромна аерозагаденост уништувањето на 110 тони гранати ќе допринесе на дополнителна загаденост на воздухот во Вардарскиот регион, реагираат од Здружението на граѓани „ЕкоВита“ од Неготино. Наместо носење на нови инвестиции во Неготино се носи опасен отпад, односно експлозивен материјал. Она што дополнително загрижува е составот на гранатите, кој е непознат и сомнителен. Согласно Архуската конвенција, кога се работи за заштита на животната средина, граѓаните мора да бидат информирани и вклучени во целиот процес, бидејќи овде се работи и за нивното основно фундаментално право, правото на здравје. Нашиот град стана синоним на опасна депонија наместо квалитетно вино и грозје и тоа мора да се смени,додаваат од „ЕкоВита“ – Неготино.
Мите Јаначков