Студенти од Неготино ќе презентираат свои иновациски проект на овогодинешниот саем на студентски иновативни идеи „INNO SAE 2020“
14.12.2020
Тимот составен од трите студентки од Неготино, Кристина Тодорова, Александра Бојкова и Мартина Бојкова, утре ќе го презентира својот иновациски проект „Зелен клуч за биолошка контрола на штетници“ на овогодинешниот саем на иновативни студентски идеи „INNO SAE 2020“.
Тие се тим од студентки кои студираат на Земјоделски, Медицински и Технолошки факултет од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кои земајќи ги во предвид климатските промени, оваа година решиле да работат на пронаоѓање иновациско решение за билошка контрола врз штетниците инсекти во земјоделството. Истовремено, тие се активни членови и дел од Здружението на граѓани „ЕкоВита“ од Неготино.
Станува збор за еден сосема нов иновациски пристап кој овозможува биолошка контрола и справување со штетните инсекти. Со ова иновациско решение ние нудиме ефикасно и биолошко уништување на инсектите кои прават многу штета во целокупното земјоделско и сточарско производство, без употреба на инсектциди.
Употребата на инсектицидите е меч со две острици – ги убива штетните муви, но ги убива и корисните инсекти како паразитоидните инсекти, пајаците, индирекно и малите птици кои се хранат со затруените инсекти.
Штетата е огромна, бидејќи новите муви кои испаѓаат од супстратот немаат природни непријатели и се развиваат во уште поголем број. Тоа е класичен пример на еколошка штета од употребата на инсектицидите.
Нашиот зелен производ ќе направи заштита преку еколошко уништување на мувите со помош на паразитоидни оси, околу фармите и домовите на земјоделските семејства, на ефикасен биолошки начин, без употреба на инсектициди.
Сметаме дека проектната идеја е конкурентна и адаптивна во наши услови, исто така може да даде дополнителна помош во предели погодени од климатските промени – поплави каде има големи количини на растителен и животински материјал во распаѓање. На иновативен начин и се помага на природата да воспостави природен баланс на популацијата на мувите и нивните природни паразитоидни осички, без употреба на инсектициди, велат од тимот.
Оваа година студентскиот иновациски саем INNO-SAE 2020 (Innovations in Smart Anything Everywhere) е во заедничка организација на Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ и УСС – УКИМ.
Утре ќе бидат презентирани 6 готови проекти изготвени од интердисциплинарни тимови:
- СКАРЛЕТ – студенти од ФЕИТ/ФИНКИ/МФС – Систем за контрола на аерозагадувачи во реално време со летало
- HyTo – студенти од ФЕИТ/ФЗНХ – Автоматизиран систем за одгледување патлиџани во вода со помош на вградлив микросистем базиран на Ардуино
- AAP – студенти од ФЕИТ/АФ – ArchApp
- СИМ – студенти од МФ/МФС – Систем за инфузија со вградени мембрани
- SalivaDiag – студенти од СФ/МФ/ФФ – Плунката како неинвазивен дијагностички биофлуид за идентификација на индивидуи со зголемен ризик за метаболички синдром и кардиоваскуларни заболувања
- ЗЕЛЕН КЛУЧ – студенти од ФЗНХ/МФ/ТМФ – Зелен клуч за биолошка контрола на штетници
Поради состојбата со Ковид – 19 презентацијата на готовите проекти ќе се одржи преку ZOOM Webinar на 15.12.2020 (вторник) со почеток од 17:00 часот.
Во прилог е линкот за регистрација и следење на презентациите: https://us02web.zoom.us/…/WN_BfsflRfkS-qlBw05sF7hQw…
Мите Јаначков