Велес има училиште што е лидер во дуалното образование
Освен што посетуваат настава, дваесет и седум ученици од средното стручно училиште „Коле Неделковски“ учат и практична настава што ја изведуваат во една од компаниите со кои училиштето има склучено договор. Овие ученици од прва година го изучуваат занаетот за кој што се определиле, и тоа не само од клупа туку директно на работното место во компаниите. Тоа им го овозможи дуалното образование што во стручното „Коле Неделковски“, се спроведува веќе трета година. Од годинава, нови 25 ученици пројавиле интерес за струката техничар за машинско производство, а училиштето, по барање на пазарот на трудот, ќе отвори и нова паралелка за заварувачи.
„ Исто така, во договор со Министерството за образование и наука, оваа година ќе ја отвориме и паралелката заварувач, којашто е дуална паралелка, каде што ќе бидат опфатени само 10 ученика по договор, односно како социјални парнери ни се „Леов компани“ и „Брако“.Овие ученици од прва година ќе почнат со практична настава во компаниите со кои склучивме договор од кои што ќе добиваат и месечен финансиски надомест“, рече директорката на ССОУ „Коле Неделковски“, Весна Стојанова Богоевска.
За да се поттикнат основците да го продолжат своето образование во едно од стручните училишта, минитерството за образование, од новата учебна година, ќе доделува стипендија во висина од 3.500 денари за секој ученик кој ќе се запише во некоја од стручните паралелки.
„Стипендијата нема ограничување, што значи нема да се бара просек од ученикот во однос на оценките , туку со самото запишување во паралелката и формирањето на паралелката, којашто е дуална, ученикот ги добива тие финансиски средства“, додаде Стојанова Богоевска.
На денешниот отворен ден училиштето ги промовираше, пред деветтооделенците, струките меѓу кои и угостителската. За неа се прават напори да стане дуална паралелка. Сепак учениците кои го изучуваат угостителскиот занает посетуваат пракса во велешките ресторани.
„Сметаме дека треба да се оди чекор по чекор, за да не се создава голем купицит на пазарот. Нема потреба од трупање на голем број на кадри кои што подоцна тешко ќе го најдат своето вработување. Затоа сметаме дека треба да одиме оваа година со две паралелки, следната година со други две. Со тек на времето да прераснеме во училиште во кое што сите паралелки ќе бидат дуални паралелки“, рече Стојанова Богоевска.
На денешниот отворен ден присутвуваше и министерката за образование и наука Мила Царовска, градоначалникот Аце Коцевски, пратеникот Ненад Коциќ, претседателот на Советот на Општина Велес Ќирил Гајдов, советници, директори на образовни институции како и деветтооделенците од основните училишта во Велес и околните населени места.
Стефани Манева