СДСМ обвинува а градоначалникот Чадиев демантира дека се изведуваат градежни работи за време на кампања
Градоначалникот Чадиев реализира градежни активности за време на кампања, обвинија денеска од Општинската организација на СДСМ во Велес. Од таму велат изминативе денови низ градов се забележуваат одредени активности како поплочување со бекатон плочки, ископување со градежна механизација и слични други градежни работи. Тие го прашуваат Чадиев дали има двојна улога, како татко на градот и како промотор на кандидатите за пратеници Димовски и Коџабашиев.
– Господине Чадиев, што Ве натера баш сега, во предизборна кампања да започнете со овие активности? Цела година туку речи ја “преспавте”. Или пак, се чувавте за изборите, па да видат велешани, колку вие тоа многу работите. Дали сега се обидувате да покажете како многу се грижите за граѓаните на Велес, истовремено обидувајќи се да ги покриете сите недостатоци на вашата матична партија? Нели е подобро наместо да ги промовирате Димовски и Коџабашиев, да се запрашате како ќе го вратите авторитетот на најстарата гимназија на Балканот – Гимназијата “ Кочо Рацин”, долгот спрема ЈКП – Дервен кој изнесува над 64.000.000 ден , како вашата Влада на ВМРО ДПМНЕ ќе ги врати долговите за превоз на учениците, кои се на рекордно високо ниво и како ќе ги исплатите долговите на општината спрема добавувачите од околу 65.000.000 денари, рече Душко Петров.
Градоначалникот Чадиев пак рече дека обвинувањата на СДСМ не се ништо друго освен оцрнување на неговата работа а со тоа добивање на политички поени. Тој тврди дека градежните работи кои се одвиваат во градот немале за цел да промовираат ниту една политичка партија.
– За тие што не знаат, јас како градоначалник имам обврска да ја спроведувам програмата за уредување на градежно земјиште како и сите други програми на Советот за 2016 година. На терен се реализираат активности кои се предвидени во програмата за градежно земјиште на Советот на општина Велес. Ништо не се работи по своја желба ни на своја рака. Се она што се работи е предвидено уште пред една година, со ребалансот на буџетот, рече Чадиев.
Од СДСМ пак му порачаа дека за секое прекршување ќе одговара поред законот./Д.С