Партиски плакати на ВМРО ДПМНЕ излепени на МЗ Отовица, обвини СДСМ
Со партиски плакати на ВМРО ДПМНЕ се излепени прозорците во месната заедница Отовица, обвинија денеска од СДСМ во Велес. Пред новинарите покажаа и фотографии кои ги направиле во текот на вчерашниот ден. Социјалдемократите на одговорност го повикаа градоначалникот Славчо Чадиев за кој велат дека не му сметало тоа што објекти во сопственост на општината служат за партиски паноа на неговата партија. Тие обвинија дека просториите на Урбаните и Месните заедници во градот на секои избори биле отворени во недела на денот на гласањето и биле претворени во партиски штабови. Побараа плакатите веднаш да се извадат од Месната заедница а градоначалникот јавно да се извини.
– Под итно да ги извадите партиските плакати од имотот на Општина Велес во Отовица, срамота е човеку пред светот – и да ги санкционирате виновниците, а Вие јавно да се извините. Ако пак плакатите на ВМРО ДПМНЕ се ставени со ваше знаење и дозвола, тогаш санкции треба да има и за Вас. Невиден срам е за Општина Велес ова што се случува. Во Македонија има закони, иако вашата партија ВМРО ДПМНЕ ја згази и уништи правната држава. Еве како и Вие самиот сте дел од уништувањето на правната држава, рече Пандорка Лазаровска Прличкова.
Од СДСМ му порачаа на Чадиев дека за секое прекршување на законите најпрво ќе добиел преставка до Антикорупциска а потоа и ќе одговарал пред законите на државата./Д.С