Македонија ке продолжи со реализацијата на Јужен тек
Република Македонија ќе продолжи со реализацијата на Јужен тек, така што е најавено, со тоа што ја поттикнува Европската комисија и Русија да отворат директен дијалог, односно Гаспром и ЕК за решавање на сите прашања што Европската комисија ги потегна во однос на реализизацијата на овој крупен меѓународен проект, изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во Кочани.
Одговарајќи на новинарски прашања, Ставрески нагласи дека проектот не само што сам по себе има економско и општествено значење, туку и е значаен и за подобрување на конкуретноста на економиите кои се вклучени во неговата реализација.
– Очекувам преку директен дијалог, Европската комисија и Гаспром да ги решат отворените прашања, истакна вицепремиерот Ставрески по пуштањето во употреба во две улици во Кочани.
Претходно, директорот на Секретаријатот на Европската енергетска заедница, Јанез Копач, за Телеграф изјави дека Македонија ќе треба да го поништи или да го ревидира договорот за „Јужен тек“ со Руската Федерација. Според Копач, ЕЕЗ веќе има испратено две писма до македонската влада во врска со меѓувладиниот договор на Македонија и Руската Федерација во врска со гасоводот „Јужен тек“.
– Процената на Секретаријатот на ЕЕЗ е дека меѓувладиниот договор на Македонија и Руската Федерација во врска со „Јужен тек“ не е во согласност со правилата од Договорот за Енергетската заедница во делот на распределбата на трошоците, пристапот на трети страни и утврдувањето на тарифите – вели Копач во писмената изјава.
Тој додава дека, како членка на ЕЕЗ, Македонија мора да го почитува Договорот и треба да ја ревидира ратификуваната меѓународна спогодба без понатамошно одложување. Ако не го направи тоа сама, според него, прво ќе биде поканета на писмена форма, а и ако потоа не го стори тоа во одредена временска рамка, ризикува да се соочи со отворање случај за решавање спорови, што Секретаријатот може да го отвори на своја иницијатива.
– Треба да се нагласи дека членството во ЕУ имплицира поништување на сите постоечки меѓународни договори што се склучени од страна на земјата што пристапува, а се некомпатибилни со обврските од членството во ЕУ. Поради тоа, Република Македонија ќе мора да се повлече од договорот со Руската Федерација за „Јужен тек“ или да го ревидира – заклучува директорот на Секретаријатот на ЕЕЗ.
Европската комисија неодамна побара од сите земји што имаат склучено договори со „Гаспром“ за гасоводот „Јужен тек“ да ги усогласат со законите на Европската унија. Покрај земјите-членки како Бугарија, Словенија, Унгарија и Австрија, истото треба да го направат и Србија и Македонија, како членки на Европската енергетска заедница.
