Заврши чистењето на вториот дел од коритото на Отовичка Река
Објавено: 2 октомври, 2026, во 14:05 часот
Комплетно исчистено е коритото на Отовичка Река од чија вода се полни велешко езеро Младост. Опфатени се нови околу 800 метри од коритото на реката која е главен причинител на загадувањето на езерската вода.

-Со овие активности ќе се подобри пропусната способност на реката и ќе се намали наносот што завршува во езерото. Езерото „Младост“ е срцето на Велес и само со посветена и координирана работа може да му го вратиме сјајот што го заслужува, соопшти на својот фејсбук профил градоначалникот Марко Колев.
Чистењето е дел од проект „Обезбедување на пропустна способност на реката и намалување на наносите“. Финансиските средства во висина од по 2,5 милиони денари ги обезбедија Општина Велес и Центар за развој на Вардарски плански регион преку Биро за регионален развој на Министерство за локална самоуправа.

Проектната активност следи откако минатата година, во месец ноември, се исчисти долниот тек на реката до самиот влив во акумулацијата.
Убавка Јаневска

