Со големи чекори надвор од Европа
Кандидатот за членство во Европската унија, Македонија за првпат прави големи чекори – но надвор од Европа, наместо кон Европа. Во однос на слободата на медиумите и човековите права, оваа земја никогаш не била во полоша состојба со децении наназад, се вели во текстот на гермаснкиот портал Зидвест пресе. Ви го пренесуваме во целост.
Кон крајот на мај со голема полициска инсценација полицијата уапси репортер на дневниот весник Нова Македонија. На новинарот Томислав Кежаровски му беа ставени лисици пред неговите деца, а потоа така беше воден и пред телевизиските камери. На почетокот на април Кежаровски објави текст за нецелосно разјаснетата смрт на Никола Младенов. Издавачот Младенов, кој имаше 49 години, важеше за бардот на медиумските слободи во Македонија. Во март тој загина возејќи со автомобилот недалеку од Скопје. Нема сведоци на несреќата. Неколку дена по смртта на Младенов Кежаровски истражуваше на необезбедуваното место на несреќата и најде сметки од патарините, што отворија дополнителни прашања.
48-годишниот Кежаровски сега е обвинет за објавување текст, во којшто открил идентитет на заштитен сведок во судски процес за убиство. Нешто говори дека станува збор за местење: Написот бил објавен пред пет години и очигледно досега никому не наштетил. Откриениот сведок во меѓувреме признал дека не ја говорел вистината и дека во времето кога Кежаровски ја цитирал изјавата воопшто не бил заштитен. И покрај тоа, новинарот се држи во притвор веќе шест недели. Притворот што на почетокот требаше да трае 30 дена, минатата недела беше продолжен за уште дополнителни 30 дена.
Новинарскиот синдикат, којшто протестираше против апсењето, веќе подолго време не е во добри односи со Владата. Синдикатот се бори против планот на премиерот Груевски да основа политички Медиумски совет, којшто ќе одзема лиценци за вршење радиодифузна дејност и ќе може да ги казнува сите медиуми, доколку ги повредуваат „интересите на граѓаните“, термин, чиешто значење не е подетално објаснето. Новинарите, коишто и’ се верни на Владата се отцепија од синдикатот, но и тие сега – иако со помек тон – поставуваат прашања во врска со апсењето на Кежаровски.
Владата прави напори ниту еднаш да не биде изложена на критика. Западните дипломати се жалат дека не се информирани и дека не им се овозможува пристап до политичките затвореници – како што е случајот со српскиот охридски владика, Јован Вранишковски, којшто издржува затворска казна за наводно даночно затајување. Невладините организации се жалат на политички притисок. Фирмите гипреплавуваат шиканирачки инспекции, доколку не покажат дека и’ се наклонети и верни на владејачката партија. Инвеститорите се повлекуваат, а животниот стандард и натаму паѓа.
Во Брисел во меѓувреме се дискутира за одземање на кандидатскиот статус на оваа дво-милионска земја. Премиерот Никола Груевски, којшто е на власт веќе седум години, покажува релаксираност во однос на ваквата закана. Европските земји „можат да ни земат се’ што ни дале, но не можат да ни ја земат душата“ – изјави Груевски минатата недела во интервју за дневниот весник „Дневник“. Во истото интервју тој наброја повеќе успеси и достигнувања, што Македонија ги достигнала без ЕУ и НАТО, меѓу кои е и визната либерализација од 2009 година. Со ваквите изјави тој изгледа сака да ги подготви Македонците за неуспех на амбициите за влез во ЕУ.
Македонија има кандидатски статус за влез во ЕУ уште од 2005 година. Сепак, досега преговорите не се започнати поради ветото на соседната земја, Грција поради спорот со името Македонија. Според грчките сфаќања, бившо-југословенската земја не смее да се нарекува Македонија, како што се именува соседниот регион онолу Солун. Обидите за посредување се без успех не само поради цврстиот став на Атина, туку и поради недостигот за компромис од страна на Македонија. Одново и одново Скопје ги иритира соседите со култот на Александар Велики (356-323 пне), за кого Грција смета дека е нејзин. Во обемна програма центарот на Скопје во моментов се претвора во парк на храмови и скулптури, којшто наликува на претставите на класична Атина од учебниците.
За застојот во преговорите за името Груевски ја обвинува опозицијата во неговата земја, којашто со попустливоста во овој конфликт и’ дава на Атина лажна надеж. Еден опозициски политичар, кој сакаше да остане анонимен, целата ситуација ја сведува на еден заеднички содржател: „Доколку Груевски би можел да бира меѓу брз почеток за почеток на преговорите со ЕУ и мнозинство во Советот на Општина Центар, тогаш сигурно ќе се одлучи за мнозинството во Општина Центар.“
Преземен текст објавен на германскиот портал Зидвест Пресе на 13.07 2013.
http://www.swp.de/ulm/nachrichten/politik/Mit-grossen-Schritten-weg-von-Europa;art4306,2106690