Гужва и реакции на граѓаните за здравствените картички!
Полна чекална во подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување. Граѓаните признаваат дека го чекале крајниот рок за аплицирање документи за електронска здравствена картичка. Но, реагираат дека најголем неред создаваат граѓаните кои минат со врски. Вчера и денеска имало случаи кога од долго чекање некој од нив паѓале во несвест.
Пред еден од шалтерите ред чекаше и велешанката Бисера но, таа не поднесуваше документи туку си ја бараше картичката за која документи поднела лани во февруари.
– Токму така, во февруари лани кога ги поднесов документите за пензија аплицирав и за здравствена картичка. И од тогаш до денеска неколку пати доаѓам и наместо да ми ја дадат службенициве ми викаат дека ќе биде, поточно ќе ми се јавеле по телефон за да ми соопштат кога треба да дојдам да си ја земам. Ама еве истече рокот а јас и мојот сопруг немаме картички – рече Бисера.
Тие и денеска заминаа со празни раце од зградата на Фондот. Рекоа дека повторно ќе дошле во понеделник.
Поголем број од граѓаните кои седеа и чекаа да дојдат на ред беа пензионери. И тие чекаа да земат картички додека оние кои аплицираа чекаа пред шалтерите. Некој од нив реагираа затоа што мораат да платат од 100 до 250 денари.
– Прво нели информираа дека ќе бидат бесплатни а сега ни бараат пари. За четири члена во моето семејство, во кое само јас работам, уплатив 700 денари а да бидам искрен тоа за мене се многу пари – рече Стојан.
– Не се 100 денари во прашање бидејки поштата ми зема 135 денари кога отидов да уплатам. Јас сум пензионер и навреме поднесов ама еве денеска чекам ако е готова да си ја земам. Само многу голема гужва има, не се дочекува ред – рече Трајче.
Од подрачната единица на фондот во Велес смируваат и велат дека е продолжен рокот за поднесување документи. Денеска шалтерите ќе работат до 19 часот исто така и утре, сабота а граѓаните ќе можат да аплицираат и од понеделник бидејки го продолжиле рокот. /Б.Н