Собранието потврди дека Груевски барал да се откаже од пратеничкиот имунитет
Собранието на Република Македонија денеска потврди дека пратеникот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на 30 јуни побарал да се откаже од пратеничкиот имунитет.
„Во врска со Известувањето од страна на пратеникот Никола Груевски за откажување од правото на имунитет, доставено до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на Собранието на Република Македонија, на 30 Јуни 2017, Ве известуваме дека Комисијата не е надлежна да постапува по ова известување. Согласно член 53 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата постапува по Барање за одобрување на притвор, кое надлежниот орган (судот), го доставува до претседателот на Собранието на Република Македонија, по што Барањето се доставува до Комисијата“, се наведува во објаснувањето од Собранието испратено до медиумите.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска тврдеа дека нема вистина во тоа дека Никола Груевски, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ побарал да се откаже од пратеничкиот имунитет, кои посочуваат дека Груевски досега уредно се појавувал на сите судски рочишта во предметите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство и во ниту еден случај не се повикал на пратеничкиот имунитет.
Информацијата дека осомничениот Груевски се откажал од имунитетот што му го дава пратеничкиот мандат во јавноста ја обелодени адвокатот Александар Тортевски во емисијата Топ тема на ТВ Телма.
Според Тортевски, Груевски ова го направил за да ги избегне испрашувањата пред комисиите во Собранието, пред медиумите и пред јавноста.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Тортевски не само што шири дезинформации, туку покажува и основни непознавања за прашањата на пратеничкиот имунитет кои се прецизно објаснети во собранискиот Деловник.
Според Деловникот, судот, треба барањето за одобрување притвор на пратеник, да го достави до претседателот на Собранието кој пак, доставува барање до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.
Комисијата е должна да го разгледа барањето, односно известувањето и во рок од два дена да достави извештај до собранискиот претседател.
Надлежниот орган, односно судот го известува претседателот на Собранието за притворот на пратеникот и тогаш кога тој не се повикал на имунитетот. Собранието за барањето треба да одлучи најдоца во рок од три дена.
Освен во Собранието, пратеничкиот имунитет може да се симне и со усно барање на осомничениот кој пред судот треба да изјави дека во судскиот процес нема да се повикува на имунитетот.
Груевски е обвинет за изборни измами во случајот Титаник“ , за нарачаните „Шамари за Жерновски , потоа во предметот „ТНТ, „Тенк“ (за набавка на „мерцедес“) и за „Траекторија“ (за изградба на автопатиштата).