Општина Велес вработува секретар, Дервен и интернатот бараат директори!
Градоначалникот Славчо Чадиев вели дека се следи примерот на повеќе општини од земјава.
Велешката општина трага по човек кој ќе биде на позицијата секретар која до сега воопшто ја немаше. Во огласот кој е објавен во дневниот печат се бара човек со три годишно работно искуство со завршен правен факултет, со положен испит за државен службеник, да има раководни и организациски способности, способност за тимска работа и за решавање конфликти.
„Само еден оглас е илезен, за позицијата секретар, но како што гледате по дневниот печат дека оние општини кои немаат вработено ваков профил сите бараат такви вработувања. На нашата општина исто така и е неопходен секретар согласно она што е објавено во огласот ни е потребно нешто што е движечка сила на општината“, рече Славчо Чадиев, градоначалник на Општина Велес.
И покрај тоа што градоначалникот тврди дека е распишан само еден оглас, сепак по негова одлука се бара и директор на интернатот и огласот е објавен во дневен весник пред четири дена и ќе трае до 4 мај годинава.
Првиот човек кој ќе раководи со оваа институција, треба да има пет годишно работно искуство, завршено директорски испит и високо образование. Освен ова тој мора да приложи и програма по која планира да раководи со институцијата.
Покрај во ученичкиот дом и јавното комунално претпријатие ќе вработува помошник директор за економски и правни работи кој ќе има четири годишно работно искуство и завршен правен или економски факултет. Краен рок за пријавување е осми мај.
Според она што го пишува во огласот се работи за испразнето работно место, неофицијално поради заминување на досегашниот директор кој бил на оваа позиција.
И додека огласите течат низ градот се какулира со имињата на овие функционери. Така за секретарското место се вели дека е резервирано за досегашниот директор на Фондот за здравство, Анде Марковски,а додека во средношколскиот интернат му било понудено на професор по физичко во УСО Коле Неделковски, Ангелче Гушев. /Б.Н.