Ученици на основни училишта учествуваа во едукативна тура на Народен музеј и посетија сакрални објекти во Велес
Објавено: 8 октомври, 2026, во 14:47 часот
Преку внимателно осмислената едукативна тура, ученици од велешките основни училишта се запознаа со неколку значајни сакрални објекти во Велес и неговата околина. Александра Гиовска, кустос по историја на уметност на Народен музеј Велес ја водеше турата која опфати посета на црквата „Св. Јован Крстител“ – Маркова Меана (XIII–XIV век); црквата „Св. Димитрија“ (XIV и XIX век); црквата „Св. Пантелејмон“ (1840 година) која е ремек-дело на прочуениот архитект Андреја Дамјанов и црквата „Св. Недела“.

Секоја посета беше проследена со интересна приказна и толкување на архитектонските, уметничките и духовните вредности што ги носат овие споменици на културата.
-Главната цел на оваа активност е да се разбудат љубопитноста и интересот кај најмладите за сакралните споменици како еден од значајните сегменти на нашето духовно и културно наследство. Преку непосредниот контакт со храмовите, нивната архитектонска убавина и богатата симболика што ја носат, децата имаа можност да ја препознаат поврзаноста меѓу уметноста, верата и историјата. На тој начин, покрај стекнување нови знаења, кај нив се развиваат и чувството на почит, љубов и одговорност кон зачувувањето на културното наследство,“ рече Гиовска.


Овој настан е дел од едукативно креативниот проект „Приказните на Велес низ детските очи“ со кој што Народен музеј Велес започна да одбележува 80 години музејска дејност.
Убавка Јаневска


