Македонија остана без овчари!
Кавадарчанецот Стојан Трајков, e еден од малкумината овчари во Македонија. Тој ја продолжил семејната традиција како наследник на неговиот татко. Претходно со одгледување овци се занимавал и неговиот дедо. Стојан кој своето стадо го одгледува во пределите под Кожуф и селото Конопиште, не е сигурен дека семејната традиција ќе ја продолжат и неговите деца или пак внуци.
-„ Тешко оди со овчарството денес, ова не е лесна професија бидејќи бара многу одрекувања. Најголемото е да се одвоиш од семејството затоа што мораш комплетно да им се посветиш на овците а тогаш нема време за децата за внуците. Јас живеам на трлото, значи тука сум 24 часа, во лето и во зима. Тоа сега младите не го прават и ги разбирам затоа што сакаат да бидат со семејството. Но јас морав да се одвојам од моето семејство затоа што одгледувањето на стадото е извор на егзистенцијата која со години ја обезбедувам за моите деца. Сепак потајно се надевам дека некој ќе ме наследи бидејќи и покрај тоа што се живее изолиран живот убаво е чувството кога наутро те будат младите јагниња, кога чекаат да ги нахраниш, кога ги носиш на пасење а тие сакаат да ги погалиш да поиграш со нив,“ вели Стојан.
Тој советува дека особено значајна е храната која се обезбедува за стадото, со која се хранат овците и јагнињата бидејќи само квалитетната исхрана дава квалитетно месо, млеко и волна што е особено важно при пласманот на производството.
Но, во Македонија од година во година се помалку граѓани сакаат да се занимаваат со оваа професија. И покрај тоа што стапката на невработеност е голема никој не сака вработување како професионален овчар. Тоа го покажуваат и неодамнешните анализи на министерството за земјоделство. Занимањата поврзани со чување на стока како што се овчари, козари или пак свињари не ги привлекуваат младите луѓе кои бараат работа.
Во Македонија како овчари се вработуваат граѓани од Албанија додека малкумината македонски овчари се обидуваат да најдат работа во Италија и Хрватска, каде се подобро платени.
Ова се одразува и над развојот на оваа гранка во државата. Според податоците на министерството Македонија има најмал број на овци досега. Според официјалните податоци пред две години во државава имало 778.404 овци што споредено со 1990 година значи помалку за еден милион 442 илјади и 506 овци. Тоа е драстичен пад во оваа земјоделска дејност.
Според територијата и бројот на населението Македонија во минатото била прва во Југославија и Европа според бројот на овци додека во светот била меѓу првите земји по производство на волна. Над 5 милиони овци имала Македонија пред Балканските војни а овчарството било едно од најразвиените земјоделски гранки./Б.Н.Т