Ниту една граѓанска иницијатива не поминала кај политичарите за повеќе од две децении!
Здруженијата кои неуспешно се обидуваа да ја реализираат желбата на граѓаните ќе бараат измена на законот за референдум.
Да се разграничи референдум од граѓанска иницијатива со што постапката за нивно реализирање ќе биде различна, бараат здруженијата на граѓани кои во изминатиов период од различни причини имаа неуспешни обиди преку граѓански иницијативи да променат дел од законите. Исто така се пожалија на неспроведувањето и на веќе постоечкиот закон поради што пропаднаа дел од нивните обиди како што беше примерот со ЕД Вила Зора, кое неуспешно се обиде да издејствува со закон да се забрани работење на тешка индустрија на 5 км од населено место.
„Во нашиот случај ДИК си дозволи да си го толкува законот и да не го спроведува иако е само извршител на собирањето на потписите. Законот е направен така за да не успее, па првично мора да се интервенира во него и да се променат членови со кои ќе се примораат институциите да не си ги толкуваат самите законите. И најлошиот закон е добар ако тој се практикува, но во нашиот случај не се практикуваше до крај“ , рече Ненад Коциќ, ЕД Вила Зора.
Поради ваквите случаи неколку здруженија преку заедничко здружување ќе бараат да се дополни и промени законот.
„ Јас укажав на организаторот дека кога ние во 2003 година ја спроведувавме нашата иницијатива потписи се собираа и во сабота што не е случај сега. Сега се собираат потписи од 9 до 16 часот секој работен ден па имаме контрадикторни примери. Да речеме во Oпштина Cентар секој 2,8 граѓанин треба да се изјасни за некоја иницијатива бидејќи се потребни 10 илјади потписи, што е теоретски невозможно. Или пак за да се постигне овој број на секои три минути треба да се потпишува по еден граѓанин што е апсурдно и математички нелогично“, рече Душко Христов, Полио Плус.
Сепак примерот на АМАН ги охрабри граѓаните кои го дадоа потписот за враќање на евтината тарифа на струјата, но траеше кратко. Парламентарците не го прифатија барањето на народот.
„Општа е констатацијата дека граѓаните се исклучени од процесите на одлучување, иницијативите пропаѓаат оти одлучуваат политичките институции, а не го слушаат гласот на народот. Во последно време се импутира чувство на апатија меѓу народот со тоа што се одбиваат вакви иницијативи и некој свесно ги деморализира луѓето покажувајќи им дека односите на моќ се такви и нема да се променат никогаш. Но, ние ќе се бориме и против тоа и ќе им укажеме на граѓаните дека тие имаат моќ и заедно можат да сменат многу“, рече Васко Лазаревски, АМАН.
Според здруженијата фрапантен е податокот дека ниту една граѓанска иницијатива не поминала пред политичарите во изминативе две децении од осамосојувањето. Поради тоа велат дека се решени и ќе најдат начин како со здружени сили да се спротивстават на ваквата пракса./Б.Н.