Осумнаесет семејства бараат од државата бараки на трајно користење !
Повторно се во неизвесност корисниците на дрвените бараки во населбата Тунел 2. Ним, на крајот на март годинава, им истекле договорите за користење на времените живеалишта и до денеска не потпишале нови со јавното претпријатие за стамбен и деловен простор. Исплашени се од можни законски последици. Крајниот рок за продолжување на договорот истекол на 27 март а 18 сопственици на дрвени бараки не потпишале нов, што требало да го сторат по седми пат.
Денеска објаснија дека досега обврската редовно ја обновувале на секои две години. Тие не плаќаат кирија затоа што во бараките ги всели државата откако нивните домови ги урна земјеното свлечиште на Рамина.
„Договори потпишувавме, потпишувавме веќе ни се смачи. Сакаме државата да ни ги даде бараките за во нив да живееме постојано а не вака цели тринаесет години сме во нив а тие не се наши. Видете во што живееме, се распаѓаат а ние не можеме да реновираме. Кога ќе бидат наши ќе ги реновираме,“ рече Нерѓузел Акипова.
Во бараките живеат претежно ромски семејства со многу деца. Дел од нив имаат сериозен проблем со просторот бидејќи ги ожениле синовите а некој имаат и внуци. Гонџа Јашарова вели имала голема куќа на Рамина која се урнала и сега нејзиното деветчлено семејство мора да живее во бараката од 40 м2.
„Сакаме да живееме тука, веќе се навикнавме на живот во овој дел на градот. Но не сме сигурни дека ке останеме затоа бараме овие бараки да ни ги дадат на трајно користење. Јас сум болна и стара кај ќе одам. Зарем да се влечеме под кирии. Тука сакаме да останаме, во оваа барака оти се што сум спечалила во животот инвестирав во куќата на Рамина а таа сега не постои, целосно е урната,“ рече Јашарова.
Сафет Зекиров исто така е еден од сопствениците на барака во која тврди дека неможе да продолжи да живее без да ја реновира. Досега инвестирал во нов под а крпел и ѕидови но сега вели дека ќе мора и однадвор да крпи бидејки има големи оштетувања.
„Живееме во влага и мораме да вршиме поправки. Нема потпорен ѕид над бараките и целата вода од ридот се слева во нашите домови. А и улицата треба да ни го направат бидејќи 13 години газиме во кал до колена,“ рече Зекиров.
Во осумнаесетте бараки во населбата Тунел 2, тринаесет години живеат осумдесеттина поранешни жители на велешката населба Рамина./Б.Н