Отворен третиот Фестивал на сатира „Џинот“ во Велес (фото и видео)

Објавено: 1 октомври, 2026, во 15:39 часот

Со „Песна за Џинот“ чија авторка е поетесата, велешанката, Павлина Климкар Меанџиева и историско културен осврт на животниот и творечки пат на големиот преродбеник, учител, просветител, книжевник и автор на афоризми Јордан Хаџи Константинов Џинот од историчарот и член на Совет на Општина Велес, Слободан Ников, денеска, во Велес, во фоајето на велешки Театар беше отворен Третиот фестивал на сатира посветен на големиот велешанец.

-Фестивалот ќе трае два дена и има за цел уште еднаш да му се оддаде почит на велешанецот Џинот, да го славиме афоризмот, но и сатирата како моќ на зборот, како духовит одраз на времето во кое живееме, вели Лили Арсова членка на Организацискиот одбор на фестивалот.

Во претпладневниот дел од првиот фестивалски ден Дарјан Јордановски, ученик на ООМУ „Стефан Гајдов“ гостуваше со музичка изведба на инструментот гитара додека ученици на СОУ„Гимназија Коло Рацин“ читаа афоризми чиј автор е Јордан Хаџи Константинов Џинот.

Присутните исто така го проследија Сатиричниот портрет на Ристо Филчевски, познат струмичанец и македонски афористичар за кого неговиот колега Ацо Ѓоргиев преставувајќи го помеѓу другото рече дека има сестрано книжевно творештво кое што е составено од по малку поезија, лирика, хаику поезија и од повеќе карикатура а најмногу афоризми.

-Филчевски првата карикатура и афоризам ја има објавено во списанието „Остен“ во 1972 година. Ученик е на  повеќе самостојни и заеднички изложби во Македонија, има самостојна во Светската галерија на карикатури во Скопје додека во странство самостално излагал во Крижевци, Хрватска (1978) и учествувал во групни изложби во маростика – Италија, во Монтреал – Канада, во Турција и во Грција. Паралелно со карикатурата, Филчевски, од 1974 година објавува афоризми и сатирични текстови, прво во списанието „Остен“  за потоа да добие рубрика со наслов „Низ Струмица со дедо Ицо“ па „Струмичка лутеница“ и на крај да заврши со „Писма“. Во исто време афоризми објавува и во весниците „Студентски збор“, „Вечер“ и „Нова Македонија“.  Негови афоризми објавуваат и српските списанија „Јеж“, „Осмех“ и Ошишани јеж“ како и бугарскиот „А пропо“. Негова е идејата од 2001 година, во Струмица, традиционално за време на Карневалските денови да се одржува Фестивал на афоризми и карикатура на кој што во 2005 и 2011 година е добитник на прва награда“, рече Ѓоргиев.

Ристо Филчевски е годинешен добитник на втората награда на Третиот фестивал на сатира „Џинот“ во Велес.

Првиот ден на Фестивалот продолжува вечерва, во 18:30 часот, со промоцијата на книгата афоризми „Отскочна јамка“ на Витомир Долински познат на македонската јавност како новинар од Струга на МРТВ. Промоцијата ќе се одржи во Локална библиотека „Гоце Делчев“.

Организатори на Фестивал на сатира „Џинот“ се Клуб на писатели „Кочо Солев Рацин“ и Локална библиотека „Гоце Делчев“, Фестивалот финансиски го поддржува Општина Велес.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.