Ќе се спасува браната Липа!?
За браната кај неготинското село Липа, која неодамна претрпе сериозни оштетувања од големите поплави, се подготвува проектна документација.
Од Водостопанското претпријатие Тиквеш велат дека браната била стара дваесеттина години и изградена без проект. Оштетувањето кое се појави на неа како последица на големата количина вода во акумулацијата и особено напукнувањето од кое почна да истекува вода биле причини за превземените мерки.
-„Сега сме во фаза на подготовка на проектна изведбена документација“ ,рече техничкиот директор на водостопанското претпријатие, Илија Темелковски.
Темелковски веќе соопшти дека иако немаат обврска тие покажале грижа за браната. Склучиле договор со надлежното министерство за стопанисување и управување со ваков вид објекти и браната ја контролираат.
Инаку проблемите кои се појавија на браната Липа ги виде и за нив ги информираше надлежните единствениот жител на неготинското село Липа.
Тоа е Јован Гелов кој тогаш соопшти дека од преголемата количина и брзиот проток на водата може да се случи да предизвика расцеп на телото на браната.
Во таква ситуација голема количина на вода би се излеала врз земјоделски површини и би ги загрозила животите на земјоделците затоа што се постојано во нивите кои ги обработуваат./Б.Н.Т