Роднините на Мите ги бараат причините за неговата смрт!
Роднините на младиот Мите Влајков кој на 16 март почина за време на фудбалски натпревар во Кавадарци бараат од надлежните многу брзо да ги добијат извештаите од обдукцијата која беше извршена веднаш откако момчето почина.
Неговата тетка Зора Стојанова во изјава за Дума.мк вели дека очекуваат и министерот за здравство Тодоров да го исполни ветеното дека ќе ги посети и ќе разговараат во врска со нивните сомнежи за смртта на Мите.
„Кога дознавме дека лажна докторка интервенираше на мојот внук не можеме да се смириме. Мораме да реагираме за тоа дека можело нешто да се стори повеќе за да се спаси нашето дете. Затоа не треба само да се мачиме туку треба да ги добиеме наодите од обдукцијата и вистината да излезе пред нас“, рече Стојанова.
Таа реагира откако од обвинителството ги побарале наодите од обдукцијата а оттаму им рекле дека може да се случи да ги добијат и по три месеци.
-„Ова чекањево не убива. Потресени сме, сомнежот е голем дека можеби нешто се крие од нас“,рече тетката на Мите.
Стојанова вели дека министерот треба да го исполни ветеното и да ги посети зашто тие сами не можат ништо да направат. Тешката загуба ништо не може да ја надомести како и болката што ја чувствуваат за младиот фудбалер кој почина кога зачекори да заигра на фудбалски натпрвар во Спортската сала во Кавадарци./Б.Н.Т