Плаќаат радиодифузна такса, а сигнал за МРТВ не стигнува до нивните домови!
Жителите на населбата „Дервенски поток“ се револтирани што им стигнуваат сметки за радиодифузија,а тие од како купиле телевизори Македонската радио телевизија не ја гледаат.
Причина за ова велат се високите карпи меѓу кои лежи населбата и кои спречуваат од предавателите сигналот да стигне до нивните домови. На шега велат дека антените треба да ги постават во една точка на центарот на улицата бидејќи само таму успеале да го регистрираат телевизискиот сигнал. Сепак Управата за јавни приходи секој месец им ги доставува сметките со обврска да платат 190 денари.
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=-hLH67UHCTY&feature=youtu.be{/youtube}
„Не знам како може да плаќаш за нешто што не добиваш? Сметките си течат, давачки се трупаат, а од друга страна плаќаме и кабелска за да гледаме телевизија. Како и зошто се случува ова не ми е јасно?“, вели жител на населбата.
„Бараат да платам, ама од кај да платам кога не гледам, ајде да гледавме па да ги плаќаме сметките, ама вака не ми е јасно зошто? Интернет си плаќа син ми и си гледа преку него и телевзија, но инаку преку антена долги години не стигнуваше сигнал тука“, вели жителка на населбата.
Од поодамна се жалеле до државната телевизија и Советот за радиодифузија, но велат иако нивни преставници дојдоа и се уверија сепак сметки и понатаму стигнуваат на нашите адреси. Само еден од соседите самостојно се жалел, ги исчитал сите закони и ги поминал сите институции па после долго време успеал да ја истера правдата, па од февруари советот го ослободил од плаќање такса. Неговиот пример планираат да го следат и останатите жители на улицата „Вера Циривири“.
„Слика никогаш ни имало, ни па ќе има. Слушам дека куќите во населбата „Долни дуќани“ се ослободен, очекуваме и нас да не ослободат од плаќање. Ако треба на суд ќе одиме, нека дојдат нека мерат ќе се уверат и самите“, вели жител на населбата.
Инаку ваквите проблеми треба да заминат во историјата со целосната дигитализација на телевизијата со што сите без разлика каде живеат, ќе имаат сигнал со ист квалитет, а која започнува од први јуни. До сега такса не плаќаа само домаќинствата во кои има слепи или глуви лица и оние до кој не стигнува сигнал./Б.Н.