Малолетници недолично се однесуваат на спортски натпревари!!
Малолетници , најчесто од 10-16 години, недолично се однесуваат на спортски натпревари додека седат како публика на трибините, консумираат алкохол и наркотични средства. Во алкохолизирана состојба пеат и извикуваат недолични слогани со навредлива содржина најчесто упатени кон полицијата која не е поштедена ниту од пцовки, навреди и вулгарности. Вака се однесуваат и кон спортистите на противничките тимови и навивачите на противничкиот табор.
Ова денеска со разочарување го соопштија од општинскиот освет за превенција од малолетничко престапништво. Од таму порачаа дека ваквото насилничко однесување, малолетниците, го пренесуваат и во основните и средни училишта во градот. Тие вандалски се однесуваат кон инвентарот и опремата во училиштата каде од дрското однесување не се поштедени ниту наставниците.
Дел од овие ученици се извршители на кражби по продавници и на бензински пумпи, со жалење констатираше советот. Од таму соопштија дека писмено ќе ги известат сите училишта во градот и ќе побараат итно да се свикаат родителски средби на кои ќе има само една точка на дневен ред, а тоа е однесувањето на малолетниците по што од родителите ќе се бара да покажат поголема родителска грижа и да обрнат поголемо внимание на воспитувањето што претставува нивна законска обрска.
„Апелираме до сите родители да ги придружуваат своите малолетни деца на спортските натпревари во спортската сала или на градскиот стадион, за во секој момент да знаат каде се, со кого се и дали имаат консумирано алкохол пред тоа. Од образовните институции бараме да ги откријат ученците кои учат во нивните училишта, а создават проблеми и со нив поконкретно да работат на отстранување на нивното девијантно однесување. Од невладините организации бараме со проектни активности да и обрнат поголемо внимание на оваа категорија на деца во ризик и да спречат насилничко однесување.
Од организаторите на спортските натпревари, клубовите, бараме да го зајакнат режимот за влегување во спортските објекти на децата од 10 до 15 години кои не ќе смеат сами да присуствуваат на дуелите. Да не ги пуштаат лицата под дејство на алкохол како и тие кои ке носат пиротехнички средства, бидејќи според законот за спречување на насилство и недолично однесување на спортските натпревари најголема е одговорноста на организаторот на натпреварот,“ стои во заклучоците на советот за малолетничко престапништво.
Од таму искрено се надеваат на подршка од родителите и сите граѓани на Кавадарци кои сметаат дека целта на заедницата е создавање на здрава и работоспособна младина.
Советот, најголемата подршка ја очекува од авторитетните граѓани како што се спортистите и спортските субјекти, музички уметници, како и локалната власт./ А.Д