Ја измами ли лажната докторка и нотарката во Кавадарци!?
„Ако е вистина дека наместо оригиналните документи кои ми ги достави девојката сум потпишала фалсификувани тогаш значи дека и мене ме измамила,“ рече за Дума.мк нотарката која на лажната докторка од Кавадарци и ги заверила уверението со оценки од Медицинскиот факултет во Скопје и лиценцата на Лекарската комора.
Нотарката, чие име не можеме да го објавиме поради тоа што тоа го побара од нас, додаде дека не се сеќава кога точно се случило тоа ниту на името и презимето на девојка која дошла да и побара услуга а таа го ставила печатот и штембилот на нотарската канцеларија.
„Ако ме викнат за сведок ќе ја кажам вистината нема што да кријам. Она што се сеќавам е дека имав таков случај, една девојка дојде доцна попладне и јас ја отворив канцеларијата само за неа. Дипломата беше оригинал, лиценцата беше оригинал дури јас и реков моме како е ова алал да ти е се 9 ки и 10 ки по што таа ми покажа индекс со впишани оценки. Сега зошто го покажа индексот може ете да ме увери инаку јас сметам дека немаше потреба тоа да го покажува ама не се сомневав дека ќе прави вакво нешто“, рече нотарката.
Таа тврди дека од својата долгогодишна работа и искуство може да констатира дека нема многу разлика меѓу фотокопираните документи и оригиналите како и дека ова и бил прв ваков случај во нејзината канцеларија.
Скандалот кој изби пред два дена нашироко се раскажува низ кавадречката чаршија. За него има осуди, критики но и сожалување за семејството на лажната докторка, за кое се претпоставува дека за ситуацијата разбрале од здравствената инспекторката која на 1 април, годинава ја откри лажната диплома на 27 годишната кавадарчанка. /Б.Н.Т