Чадиев: Почувствувајте се горди што сте ја дале довербата на тим што гради!
Објавено: 5 април, 2013, во 13:45 часот
Кандидатот за градоначалник на Велес, од ВМРО ДПМНЕ Славчо Чадиев им се обрати на велешани дека самите имаа можност да се уверат во позитивните вредности промовирани од него. Тој рече дека особено било важно првиот човек во градот да има добра соработка со централната власт.
„Ја барам вашата доверба за искрена и плодна соработка со Советот на Општина Велес во кој мнозинството го има ВМРО-ДПМНЕ. Заедничката соработка меѓу Градоначалникот, Советот на Општината и Владата на Република Македонија ќе донесе подобра иднина за сите. На Велес му треба Локална самоуправа предводена од луѓе кои секојдневно ќе бидат во контакт со клучните фактори во државата кои се во можност да му помогнат на градот. Тоа е еден од најбитните елементи за развој и напредок на Велес“, рече Чадиев во своето последно обраќање пред да започне предизборниот молк.
Тој истакна дека заедничка цел до вториот изборен круг била да ги презентира новите дела во секој дом, маало и населба и да оствари средба со секој човек. Додаде дека бил особено горд од сето она што го чуле од граѓаните.
„Ние зборувавме за иднина со економски развој, со нови индустриски зони, Велес со современи училишта и градинки. Зборувавме за Велес како најчист град, за Велес како културен и спортски бренд, за Велес како град на горди и задоволни граѓани, за поубав Велес. Големата и искрена поддршка која ја добиваме е доказ, граѓаните во нас препознаваат партнер за решавање на проблемите и градење на подобра иднина“, рече Чадиев.
Ја побара поддршката од граѓаните на кои им порача изборите да поминат во демократска атмосфера, достоинствено, согласно високите цивилизациски вредности што ги негува Велес. На крај ги повика да го дадат гласот за него и за ВМРО ДПМНЕ порачувајќи им – почуствувајте се горди што сте ја дале довербата на тим што гради и создава, тим што ќе донесе подобра иднина за сите./Б.Н.
