Црвенковски: “Гласајте по ваше убедување, а не поради закани и притисоци“!
Објавено: 4 април, 2013, во 21:44 часот
Лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски вечерва на трибина ги храбреше кавадарчани да не подлегнеле на секојдневните закани и притисоци, туку да излезеле на гласачките места и според свое убедување да гласале во недела. Обвини дека власта купувала гласови со притисоци, закани, а таму каде што немале успех со тоа давале пари, а во поново време во Берово власта почнала да дели и памперс пелени.
Ги советуваше граѓаните на Кавадарци да си земат се што им се нуди за поткуп, а тие бидејќи зад параванот ја имале власта да гласале по свое убедување, бидејќи никој немало да знае за кого гласале. Им го честита освоениот резултат во првиот изборен круг. Рече дека заслужувале честитки бидејќи освоените гласови за Китев биле без закани и притисок, туку по слободно изјаснување на граѓаните.
„Нема институција која власта не ја злоупотреби во кампањата. За нив нема ни закон, ниту устав. Се земеаат кредити за да се исплаќаат плати и пензии. Тој што живее на кредит умира на рати“ рече Црвенковски и им кажа на кавадарчани дека земјава се движела во лоша насока и дека ако продолжело задолжувањето со вакво темпо неминовно и во Македонија ќе се пресликало грчкото сценарио.
„Во една недемократска држава неможе да има фер и демократски избори. Тие работата ја завршуваат два дена пред гласање. 7 години 24/7 Бранко е крив за се`. Од уста не ме вадат. За мене снимија повеќе спотови од тие што ги имаат Здравко Чолиќ и Бјело Дугме. Ви тврдам дека од нив поголеми плашливци нема. Да ја немаат полицијата во раце и инспекциите ќе неможеме на улица да ги видиме. Сите тие задедно се плашат повеќе од мене, од колку јас што се плашам од сите нив.“ рече Црвенковски и појаснуваше дека актуелната власт требало да падне поради недомаќинско и расипничкото трошење на народните пари.
Кандидатот за градоначалник Бетиан Китев рече дека актуелната локална власта наместо да им делела закани на граѓаните, да се подготвувала за мирно примопредавање на власта. Обвини дека кампањата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ се спроведувала со државни коли. Нагласи дека администрацијата била преполнета со партиски кадри кои немале соодветно образование.
„Градоначалникот на ВМРО-ДПМНЕ во овие четири години не направи ништо вредно, освен што извршуваше тековни активности. Ја менуваше коцката со нов слој на асвалт. Ви ветувам доколку ја добијам вашата подршка во недела ќе се залагам за развиена индустриска зона, развиена чаршија, спорт, култура и среќни земјоделци“ рече Китев и нагласи дека во недела граѓаните имале да изберат помеѓу канидат на режимот и кандидат на народот. Го критикуваше својот опонент дека избегнувал тв – соочување бидејќи не бил спремен за соочување пред народот. Китев вети пониски сметки за вода, пониски даноци, растеретување од партиацијата на администрацијата. Рече дека ќе се вработувале луѓе со соодветно образование, независно на партиската припадност.
„Што ленти исекоа, што камен темелници поставија среде кампања. Зарем тоа неможеа да го направат во четирите години владеење“ рече Китев нагласувајќи дека со неговата победа ќе победеле сиромашните, бедните и чесните./ А.Д
