Лажната докторка во Кавадарци создаде голема паника!
Во шок е семејството на Мите Влајков, осумнаесет годишното момче кој минатиот месец почина среде фудбалски натпреварво Кавадарци, во салата „Партизан“. Запрепастени се од сознанието дека лажна докторка од кавадаречката брза помош интервенирала врз нивот син. Родителите на починатото момче тврдат дека на нивното дете „докторката“ му ставила инјекција директно во срце.
„Не викам дека докторката не се трудела или не сакала да му помогне на мојот син. Верувам дека и таа сакала да го спаси и се обидувала да го стори тоа. Но како би можела да му помогне кога не била вистинска докторка туку со лажна диплома. Како она кога е без диплома ги разбира латинските називи и како знае што да прави во такви ситуации. Видовме дека беше целата збркана. Сега ни е јасно дека само така трчала оти не знаела што да прави. А си мислевме дека трча како за свое дете од хуманост. Сега дури ни е јасно што навистина се случувало. Иако и тогаш кај некои од нас се јави сомнеж дека докторката всушност не е докторка и дека нема завршено ниту за медицинска сестра. Се сомневаме дека иако можеби сакала да помогне, дека можеби одмогнала“ рече Дамјан Влајков, татко на починатиот Митко.
Семејството Влајкови бара правда за нивниот син. Тогаш се противеле ама сега го бараат обдукцискиот наод бидејќи се сомневаат дека младото момче не било реанимирано како што треба. „Од каде да знаеме која инјекција му ја пуштила додека Митко лежеше на подот во салата. Можеби постапила како што треба а може и не“, рече таткото Дамјан. Тој рече дека докторката доаѓала и во домашна посета и го лекувала неговиот болен татко.
Министерството за здравство е информирано за овој случај и одтаму соопштија дека биле превземени потребните законски мерки.
„По тој повод, државниот санитарен и здравствен инспектор излезе на терен, извршен е вонреден инспекциски надзор во здравствениот дом и донесено е решение за отстранување од работното место на посоченото лице“ рекоа од министерството нагласувајќи дека директорот на здравствениот дом постапил согласно на насоките од инспекторот. Лажната докторка повеќе не работела во брзата помош, а Министерството за здравство поднело и кривична пријава до јавното обвинителство.
Од Здравствен дом Кавадарци велат дека во ниеден момент не се посомневале во стручноста на „докторката“. Таа работела над 6 месеци. Имала доставено уверение за завршен медицински факултет во Скопје, како и лиценца за работа од Лекарска комора.
Кавадарчани се прашуваат колку ли само пациенти поминале низ рацете на ова докторка која успеала да ги изигра институциите со лажни документи за завршен медицински факултет и лиценца за работа од Лекарската комора./ А.Д