Во петок, по трет пат, пресуда за обвинетите за платеното убиство во Ореше!
Со завршните зборови на обвинителот и одбраната денеска во судот во Велес заврши повторениот главен претрес во процесот за платеното убиство на старецот Лазо Милошевски во село Ореше. Судијата Илија Танев најави дека пресудата ќе ја соопшти во петок на 26 март, во 15 часот.
На денешниот главен претрес обвинителот Ивица Ефремов побара да бидат прогласени за виновни и казнети првообвинетиот Ѓоре Петровски, нарачателот и второ обвинетите Ордан и Љупчо Ѓоргиевски, извршителите на убиството.
Исто така обвинителството побара од судот да го земе во предвид мислењето на вештите лица кои подготвија психолошки профил на Златко Арсовски, откако престана да биде заштитен сведок Бреза и го откри сопствениот идентитет.
Бранителот на првообвинетиот Ѓоре Петровски, адвокат Коста Нојков, побара ослободителна пресуда бидејќи како што рече судот нема доволно докази со кои може да го прогласи за виновен.
„ Неможе да се докаже дека станува збор за платено убиство и дека целта на испраќаните пари од Петровски кој живее и работи во Америка, биле за убиството бидејќи тој на повеќемина жители на село Ореше им испратил пари. Тој пратил 13 илјади но, не и 50 илјади или 20 илјади долари како што наводно се тврдеше дека чини убиството“, рече Нојков.
Тој смета дека ниту доказите кои се најдени на местото на убиството, во дворот на Милошевски, како чаури од калашников, опушок од цигара со кармин и траги од женски обувки, не може да се препишат на обвинетите браќа Горгиевски а уште помалку врз основа на нив да бидат осудени за убиство што се случило во 2005 година а истрага почнала да се води дури три години потоа.
Судот најави дека во петок ќе ја соопшти пресудата за овој судски процес. Таа ќе биде трета по ред. Претходно во два наврати браќата Горгиевски беа прогласувани за виновни и казнети со по 15 годишни затворски казни.
Пресудите на основниот ги укинуваше Апелацискиот суд во Скопје и предметот го враќаше на повторно судење.