Коцевски: Општина што ќе знае да ги искористи креативните потенцијали на младите!
Кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата Сојуз за иднината, Аце Коцевски на денешната промоција на проектите со кој ја бара довербата од младите сограѓани рече дека поразителен е фактот што најголем дел од младите во потрага по егзистенција се подготвени да го напуштат Велес доколку за тоа им се укаже можност.
„Во наредниот период треба да се работи многу чесно и одговорно, а не само декларативно, за да се направи многу, многу повеќе, за Велес пак да биде просперитетна општина, општина по мерка на своите граѓани, општина што ќе знае и умее да ги искористи креативните потенцијали на младите, општина во која младите ќе ја градат својата сегашност и иднина“, рече Коцевски.
Тој соопшти проекти за младите луѓе кои вети дека ќе ги реализира доколку ја добие довербата на граѓаните да го води градот во наредните 4 години.
Отворање на младински информативен центар, основање на локален Младински совет, отворање на Младински кариерен центар, Младински веб портал и изградба на летна дискотека како и отворено кино „FUN Place“, покрај градскиот пливачки базен и паркот за збогатување на забавата во летниот период.
„ Ќе градиме партнерства со здруженијата на граѓани, секогаш ќе ја имаат мојата поддршка за нивните идеи и иницијативи. Бидејќи младте се најактивни во спортските клубови и културно уметничките друштва сакам да потенцирам дека и во наредниот период ќе ја имаат мојата поддршка. Верувам дека со изградба на пешачкиот надвозник за поврзување на Младински со Градски парк, по примерот на Младински парк на младите ќе им го вратиме Градски парк кој заедно со околината на спортската сала многу брзо ќе биде најатрактивната локација за спортување, за дружење, за одмор и за забава. Набрзо младите ќе добијат и тениски терени, обновен скејт парк, лизгалиште, патека за кајак на диви води и други атрактивни содржини“, рече Коцевски./А.Д
