Еврото ја губи битката со доларот!
На меѓународните девизни пазари во вторникот еврото продолжи да слабее во однос на американскиот долар, додека инвеститорите нервозно го очекуваа гласањето во кипарскиот парламент за контроверзниот данок кој повторно ги поттикна стравувањата од нестабилноста на еврозоната, пренесе Фактор.
Во однос на американскиот долар еврото падна за 0,14, отсто, на 1,2937 долари, што е во близина на неговото најниско ниво во последните три месеца од 1,2882 долари, ка коешто се спушти во понеделникот.
Европската валута ослабе и во однос на швајцарскиот франк, и тоа за 0,3 отсто, на 1,2214 франка.
Истовремено, еврото се задржа во близина најниското ниво во однос на британската фунта во последните пет седмици од 85,32 пени, на кое се спушти во понеделникот. Со еврото во вторникот се тргуваше по 85,64 пени.
Американскиот долар во однос на јапонскиот јен беше во позитива од 0,13 отсто, па со него се тргуваше по 95,32 јени.
„Неизвесните прогнози за Кипар вклучуваат и можност од домино ефект за членките на еврозоната, што би требало да даде притисоци врз единствената валута во блиска иднина”, вели за Reuters Џос Манимбо, виш пазарен стратег во компанијата „Western Union Business Solutions”.
Еврото во вторникот кус период доби поддршка од најновиот индекс на довербата на инвеститорите во Германија. Соодветниот индекс на германскиот институт ZEW покажа дела довербата на инвеститорите во најголемата европска економија се стабилизирала во март.
Од друга страна, новите вести од американската економија, вклучувајќи ги и податоците од градежниот сектор, му дадоа поддршка на доларот во однос на јенот.