Лекар од Росоман губи пациенти зашто не може да издаде рецепт!
Откако пред 6 месеци неговата сопруга Гордана ненадејно починала, а била основач на заедничката приватна ординација, д-р Ѓорѓи Трајковски од Росоман не може да изврши пререгистрација на ординацијата и да работи.
Докторот кој неможе да препишува рецепти на своите пациенти, за состојбата во која се наоѓа, гледа измислена приказна а вината ја лоцира во министерството за здравство.
Од таму не му издале решение за промена на основачот на неговата фирма.
На д-р Трајковски документот му е неопходен бидејќи само со него може да склучи договор со Фондот за здравство.
Вели дека неговите 1500 пациенти кои ги имал полека почнале да ги откажуваат неговите услуги зашто биле доведени во ситуација лековите да мораат да си ги купуваат на приватно.
-„После смртта на сопругата се создаде проблемот односно јас до ден денеска не можам да извршам промена на основачот на мојата фирма, заначи наместо Гордана јас да станам основач. Причината зошто тоа е така не ми е позната иако целокупната потребна документација јас ја доставив до Министерството за здравство. Мислам дека проблемот е измислен од страна на министерството зашто јас апсолутно не гледам пречка и причина зошто да не може да ми се изврши промена на основачот. Но, морам да кажам дека со не потпишувањето на договорот губам големи материјални средства,“ рече Трајковски.
Незадоволство од ваквите состојби изразија и повеќе пациенти кои ги затекнавме во ординацијата на д-р Трајковски.
Тие го опишаа како скромен и хуман човек,самохран родител со две малолетни деца,секогаш достапен за нив и одговорен кон својата работа.
„ Шест пати сум опериран, не гледам 90 насто ,социјален случај сум. И жена ми има проблем со видот, сигурно по 2000 денари давам за лекови. Сега треба да одам во Кавадарци или Велес,велат не му важеле рецептите на мојот матичен лекар а ние со кои пари превоз да платиме немаме кога немаме ниту за леб. Докторот колку години тука работи и никој не се пожалил од него. А сега повеќе од половина пациенти го напуштија од зорт. Грев е и за нас и за него“, рече неговиот пациент Никола Стојков.
„Д-р Жан Митрев ме правеше операција, имам бај пас, а во десното око имам вградено леќа. Седум видови на лекови пијам дневно,кажете ми каде да одам и како да ги препишам ако неможам кај матичниот лекар. Ова овде е анархија која досега ја немало никогаш бидејки имам 84 години и ова не сум го доживеал никогаш претходно“,рече пациентот Ѓоко Симоновиќ.
Од правен сектор на министерството за здравство соопштија дека на споменатиот доктор лани во ноември му понудиле неколку можни решенија за да ја продолжи работата а тој до сега не се изјаснил или не постапил по нив.
Ресорното министерство тврди дека нема проблем со пререгистрацијата на фирмата на д-р Трајковски туку дека нема повратен одговор од него.
Зачуден на ваквиот одговор, лекарот од Росоман, објасни дека цели 13 години работел во друга здравствена амбуланта но по инсистирање на пациентите основал своја и почнал да работи во Медикамент.
Д-р Трајковски вели дека досега немал проблеми со министерството од кое земал под концесија простор, го преадаптирал во амбуланта, вложил пари и шест години ја обавувал дејноста без ниту еден проблем.
Зошто сега морал шест месеци да чека, д-р Трајковски, вели дека навистина не му е јасно. /Б.Н.Т