Коцевски: Градски стадион со комплетно нов лик!

Објавено на 19 март, 2013 во 10:39

Реконструкција на градски фудбалски стадион, изградба на нова атлетска патека и изградба на нова трибина со подтрибински деловен простор, реконструкција на спортската сала Гемиџии, трансформација на ФК „Борец“ во акционерско друштво се неколку приоритетни проекти во програмата за развој на спортот на кандидатот за градоначалник Аце Коцевски.

„Поради нерешените имотно правни односи и негрижата со години наназад, градскиот фудбалски стадион, е целосно запоставен. По добивање на сопственоста над стадинот со неговата реконструкција по пат на јавно приватно партнерство ќе се овозможат одлични  услови за спортување и рекреација . Во подтрибинскиот дел   ќе се осмислат дејности со кои ќе се отворат нови работни места. Поддршка очекуваме од ФФМ и УЕФА“, рече Коцевски

Тој вети комплетна реконструкција на спортската сала Гемиџии, од покрив, терен, санитарни јазли и топловоден систем, се до партерното уредување пред објектот што според Коцевски е главен проблем да не можат да се издадат деловните простории. Предлага и доградување на објектот со цел да се обезбедат подобри услови за отворање на кафетерии, ресторани и други содржини.

„ Во целина со реконструираниот парк и фудбалскиот стадион и со изградба на пешачкиот надвозник од Младински парк до спортската сала овој простор ќе стане посакувано место за рекреација и за забава“, рече кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата Сојуз за иднината.

Коцевски соопшти и други спортски проекти за чија реализација ќе се залага во колку ја добие поддршката на велешани за градоначалничката функција во наредниот четиригодишен мандат.

Меѓу нив се уредувањето на спортско рекреативен центар Бабуна, изградба на спортски комплекс на езеро Младост преку јавно приватно партнество, изградба на патека за кајак на диви води на реката Вардар, изградба на асфалтни игралишта за мал фудбал со трибини во населените места Башино село, Иванковци, Мамутчево и Караслари, реконструкција на игралиштето и забавниот парк во населбата Тунел,  доизградба на спортско рекреативен центар Железен мост како и други.

Најави дека општината ќе ги финансира или поддржува спортските манифестации а спортските клубови ќе ги помага со обезбедување на бесплатен простор за тренинзи, превоз за натпревари и опрема за екипите.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.