Започна реконструкцијата на хидросистемот “Бошава“!
Со денеска поставениот камен темелник практично започна реконструкцијата на хидро ситемот “Бошава“. Кавадарци ќе добие нови 200 литри во секунда вода за пиење, вода за наводнување, а ќе се изградат и пет мини хидро централи.
Проектот е вреден над 13,5 милиони евра, а се реализира преку јавно приватно партнерство помеѓу Водостопанство Тиквеш, општина Кавадарци и Турбо институт од Словенија.
“Ќе бидат искористени потенцијатлите на реката Бошава. Ќе се изградат хидроелектрани со инсталирана моќност од околу 10 мегавати. Од кој апсект и да се погледне овој проект претставува голема придобивка за целата држава, а особено за жителите на Кавадарци и Росоман, и покажува како треба да функционира соработката во една држава помеѓу сите оние чинители кои придонесуваат за развој на економсијата.“ рече вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
Директорот на Водостопанство Тиквеш, Љубе Димов истакна дека ваквиот проект ќе ја покажел големината и неговото значење во наредните години. Тој е оптимист дека работите ќе се завршат за една година.
„Ќе се изврши енергетско искористување на водата со изградба на пет електрични централи со 10,8 мегавати, а и нови 200 литри во секунда вода за пиење за Квадарци. Исто така со реконструкцијата на постојниот канал во должина од 25 километри ќе се зголеми пропусната моќ на каналот, а со тоа ќе се обезбеди доволно вода за наводнување на тиквешкото поле“ рече Димов.
Генералниот директор на “Турбо институт“ од Словенија, Владимир Керцан рече дека централите ќе ги користат 27 години, но тие ќе биле способни да работат и дополнителни 30 години.
“Опремата се изработува. Можам да речам дека опремата за тројката и четворката се практично готови. Интензивно се работи на опремата за единицата и двојката. Мислам дека до мај-јуни месец опремата ќе биде готова. Очекувам дека до крајот на годината ќе се завршат сите активности и ќе проработат централите.“ рече Владимир Керцан./ A.Д