Д-р Гурев: “Фондот не ограничува да пишуваме рецепти за пациентите“
“Дали ние матичните лекари треба да им ги плаќаме лековите на нашите пациенти“, праша денеска д-р Јован Гурев, специјалист по ургентна медицина и сопственик на ПЗУ “Медикус“ од Кавадарци.
Тој е револтиран што Фондот за здравстено осигурување по основ на надминат лимит на издадени рецепти одбил околу 2000 евра за 2012 од вкупниот надомест што требало да го добие од Фондот. Во неговата здравствена установа работеле четири тимови на матични лекари и имало вкупно 18 вработени.
“Денеска ни извршија исплата за декември 2012 година со намалување за мојата амбуланта сума од 95.665 денари или 1.600 евра, или за цела година над 2.000 евра. Сторнирањето е извршено поради намдинат лимит за рецепти за второ,трето и четврто тромесечје. Прашувам дали е коректно матичните лекари да им ги купуваат лековите на пациентите. Ако некој треба да плати за надминат лимит на рецепти тоа е пациентот, а зошто матичните лекари. Пациентите треба да се запрашаат, нели е грев лекарот мене да ми плаќа лекови, кои и јас си ги плаќам. Пациетните треба да одат во фондот и да прашаат зошто ги прават должници на матичните лекари“ рече д-р Гурев.
Тој тврди дека кратењето од надоместокот кој треба да им го исплати Фондот претставувало проблем за сите матични лекари, но им било страв јавно да проговорат, оти ќе им го прекинеле договорот, а ќе се соочеле и контроли.
“Во државата има околу 1500 матични лекари и во просек околу 800 евра се кратат од лекар. Тоа значи дека 1.200.000 евра се земаат од матичните лекари само по овој основ. Нека превземе Министерството за здравсто мерки за да го реши овој проблем“ порачува д-р Гурев.
Според него, ова не било единствен проблем што ги мачело лекарите туку и по основ осигурување нула, неосновано им се замале пари на матичните лекари.
“Ако осигуреникот за конкретниот месец кога бил на преглед немал платено придонеси, пари не им се префрлаат на матичниот лекар. Но , осигуреникот наредниотмесец кога ќе плати, тие пари пак не им се даваат на лекарите“ обвинува Гурев и додава дека колегите кои требало да ги штитат нивните права давале лажна слика во Лекарската комора на Македонија за вистинските проблеми./ А.Д