Иноваторите да ги заштитат своите брендови!
Ова е целта на новоформираниот конзорциум кој денеска го потпиша велешката локална самоуправа.
Стимулација на иновациите е целта на конзорциумот кој денеска се формираше во Велес. Прва го потпиша локалната власт, но тој ќе ги обединува и универзитетите, бизнисот и државата. Ќе ги заштитува авторските права и правата на индустриска сопственост. Според експертите иноваторите за сега не се воопшто заштитени.
„Се уште имаме слаба страна, еден вид на сива економија, еден вид на недоволно познавање, како да се искористи потенцијалот кој го носи правото од интелектуална сопственост, индустриска сопственост и авторското право. Значи ова е нешто што поседуваме, највредниот капитал на компаниите е ова, бидејќи сите други добра се потрошни освен умот на човекот. Тој нема граници и тој секогаш може да отиде напред. Од тука едукацијата во областа на значењето на овие права или практичната заштита во средините ни недостига и од тука ова е добар проект“, рече Јадранка Дабович, професор на факултетот Јустинијан 1-ви.
Идејата за формирање конзорциум е од владината иницијатива за стратегија за иновации. Најмногу време ќе се одвои за бизнис заедницата и за тоа како да се добиваат проекти, организираат работилници за едукација и запознавање со постапката за заштита на брендовите.
„Иноваторите не се доволно стимулирани за да може да ги остварат своите иновациски добивки. Фактички овие добивки по тоа треба да се внесат во стопанството и да дојде до вработување и заработувачка во стопанството“, рече Симче Симоновски, државен завод за индустриска сопственост
Особен проблем е слабата информираност за значењето на иноваторството кое директно влијае на бројот на регистрирани иновации велат експертите. Порачуваат дека конзорциумот ќе мора да ги натера фирмите и поединците за да ги заштитат своите изуми.\ Б.Н.