Чадиев: Езерото Младост – туристички локалитет!
Локалниот туризам има важна улога за локалниот економски развој а општините својата економска предност се повеќе ја препознаваат во збогатувањето на туристичката понуда. Затоа општина Велес ќе биде посветена што повеќе да ги развива и промовира најразличните видови на туризам, рече на денешната прес конференција кандидатот за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ, Славчо Чадиев.
Преставувајќи го делот од неговата предизборна програма посветен за туризмот, Чадиев, го прoмовираше проектот „Езеро Младост, туристички локалитет“ поради атрактивната локација на која општина Велес може да развива транзитен, спортски, забавен, риболовен, ловен, вински и рекреативен туризам како и хотелиерство со кампинг во чиста животна средина.
„Во согласност со донесените урбанистички планови во наредниот период ќе се понудат парцели за изградба на аква парк, хотели, авто камп, викен куќи, концесионирање плажи и спортски терени за мали спортови и тенис како и за други туристички објекти. Во интерес на подобрување на условите за сите љубители на велосипедизмот предвидена е изградба на велосипедска патека околу езерото Младост. Годинава се очекува да се доврши и поврзувањето на изградените објекти, долж езерото Младост, со градскиот водоводен систем по што ќе се премине на изградба на канализациона мрежа,“ рече Чадиев.
Тој соопшти дека проектот произлегол од потребите на граѓаните и ќе се реализира со пари од буџетот на општината. Најави реализација на други вакви проекти како составен дел на програмата за периодот 2013 – 2017 година.
Во колку му дадат поддршка на 24 март, Чадиев, на велешани им вети дека заедно со својот тим неуморно ќе работат на реализација на програмата и нема да заборават дека се избрани за своите сограѓани./Б.Н
