Сојузот за иднината: Скромна и позитивна кампања за фер и демократски избори!
Нова атмосферска канализација на улицата Благој Ѓорев во која ќе се слеваат водите од високите делови во центарот на градот, нов затворен пазар , современа фабрика за третман на цврст комунален отпад со современ начин на селектирање на отпадот, реконструкција на постоечките улици и патишта и изградба на нови.
Ова се изборните ветувања за велешани на коалицијата Сојуз за иднината кои денеска ги соопшти кандидатот за градоначалник, Аце Коцевски.
Тој рече дека ќе воделе позитивна кампања со мото „Задоволни граѓани наша цел“.
„За време на моите два претходни мандати општина Велес беше најуспешна општина во Македонија, лидер во децентарализацијата на власта, општина за пример, модерна општина со одлични капацитети, без долгови и без превработеност. Тогаш доби неколку награди од Европската унија, Советот на Европа, Фондацијата Отворено општество Македонија и УСАИД. За жал како резултат на неработењето, во изминатите 4 години, Велес стана сосема просечна македонска општина. Затоа сега граѓаните на Велес многу лесно можат да направат разлика. Тие добро знаат што се вистински вредности. Доволно е само изборите да бидат фер и демократски и да не се купуваат гласовите на најсиромашните граѓани,“ рече на својата промоција Коцевски.
Тој верува дека граѓаните на Велес ќе знаат да ги ценат вистинските вредности и дека ќе го дадат својот глас за него и истакна дека доколку изборите бидат фер и демократски ќе извојува победа уште во првиот изборен круг.
На прес конференцијата беа промовирани и дваесет и тројцата кандидати за советници во Советот на општина Велес. Носител на листата е дипломираниот правник Благој Коларов./Б.Н.Т