Скршена гранка од јаворот кај Маалска чешма падна врз возило!
Од невремето оштетено е само возилото паркирано под дрвото, за среќа повредени нема.
Гранка од јаворот кај Маалска чешма, ноќеска, се скршила и паднала врз паркираниот автомобил на влезот во куќата на семејството Зафирови. Од гранката е скршено задното ветробранско стакло и има оштетување на покривот на возилото. Утринава околу 5.30 минути Димче Зафиров видел што се случило со паркираното возило ноќеска, кога во Велес врнеше силен дожд пропратен со јак ветар.
„Цела ноќ имаше невреме но, дури рано утринава излегов во дворот и видов што се случило со возило на братот на мојата сопруга. Цела ноќ имаше силно невреме јас станував и гледав зошто се плашев да не се скрши некоја од гранките на јаворот кои се разгранети над мојата куќа. Кога сабајле видов дека се скршила гранка и паднала врз возилото веднаш го информирав сопственикот и еве сега тој превзема мерки ама незнам што ќе прави. Штетата е причинета“, рече Зафиров.
Тој смета дека поголем дел од гранките на јаворот се исушени и можат да се скршат. Дел од нив се разгранети над неговата куќа а дел се надвиснати над улицата Кирил и Методиј која води кон црквата Свети Пантелејмон. Зафиров уште пред осум години побарал преку членови на Советот на општината помош за санирање на состојбата на дрвото.
„Тогаш дојдоа и исекоа една висока гранка од јаворот која беше исушена и можеше да се скрши и да падне. За останатите гранки кои јас мислам дека треба да се поткастрат ми рекоа дека преку општината побарале дозвола од институција од Скопје. До денеска немам повратен одговор. Инаку знам дека јаворите се заштитени со закон и јас не барам да биде исечен туку само да му се поткастрат сувите гранки да не ми направи мене штета или недај боже на децата кои се собираат овде на платово пред куќата како и на луѓето кои минат по улицата,“ рече Зафиров.
Дел од гранките на овој јавор се надвиснати и над електричните кабли.
На местото на несреќата увид направи раководителот на одделението за комунални и градежни работи на општина Велес, Коста Настов. Официјална информација е најавена за подоцна во текот на денот.
Инаку Собранието на Општина Велес во 1989 година ги прогласи деветте јавори во градот за споменици на природата, а со тоа заштитен е и јаворот кај Маалска чешма. Останатите се два на плоштадот Сармаале, два во дворот на црквата Свети Пантелејмон, по еден кај Варналиите, Градскиот саат и на Којник и во дворот на манастирот Свети Димитрија. Тие не смеат да се кастрат, сечат и во нивна близина да се пали оган./Б.Н