АХВ : Домашното млеко е безбедно!
Објавено: 24 февруари, 2013, во 20:25 часот
Kонцентрацијата на афлатоксин М1 во преку 20 испитани мостри од домашно млеко покажале дека во секоја од нив е под ризичното ниво.
Тоа значи дека е сигурно и безбедно за употреба, соопшти Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.
„Македонските граѓани слободно нека го конзумираат македонското млеко, испитани се мостри на Битолска млекара, Алпи-Тетово, Здравје Радово, Струмичка млекара, Бучен Козјак и други млекари“, изјави Рунтевски.
Освен млекото биле испитани и мостри од млечни производи, кашкавал, сирење и слично а деновиве ќе се анализираат уште 15 домашни млека.
Според Рунтевски зголемено присуство на афлатоксин било пронајдено во неколку прaтки на увозното млеко на Имлек, Алпско, Маестро Ниш и една пратка на Винџија.
Станува збор за пратки кои се чуваат во магацин и ќе бидат уништени или вратени во земјите од каде дошле.
Методата со која се испитува присуството на афлатоксин е акредитирана и нема потреба примероците да се праќаат на супер анализа во странство, тврдат од државната агенција./А.Ј

