Откријте го виновникот за последниот еколошки инцидент во Вардар!
Велешките екологисти во целост ги поддржуваат барањата на спортските риболовци од Бабуна и бараат ригорозни казни за загадувачите на реката Вардар.
Спортските риболовци на „Бабуна“ не се единствени кои сакаат да дознаат што содржи белата материја која пред седум дена го преплави Вардар.
Резултатите на еколошкиот инцидент ги очекуваат и велешките екологисти.
Од „Вила зора“ велат мора прво да стигнат резултатите кои ќе го откријат виновникот.
Тие ќе го покажат видот и штетата од загадувањето кое не смее да остане неказнето.
„Ситуацијата не смее да остане како со случајот во 2011 година кога во реките во велешкиот ривир имаше масовен помор на риби. Сите го видоа тоа. Мртви риби пливаа на површината на водата во реките а објаснувањето за причината на поморот беше дека била одеднаш пуштена прекумерна количина на вода од една акумулација. Ако имаше виновник, да не му го спомнувам името бидејќи сигурно веќе е застарено, рокот истечен а никој не е казнет и никому ништо,“ рече д-р Ненад Коциќ, претседател на ЕД „Вила зора“.
Екологистите во целост ги поддржуваат барањата на спортските риболовци од „Бабуна“.
И тие бараат да се открие и казни виновникот особено сега кога рибниот фонд во Вардар, во велешкиот дел, е збогатен со нови количини на млад крап.
„Ако има загадување тогаш дај да видиме какво е, кој го сторил и со што, и особено е важно дали има последици по флората и фауната. Ако тоа не може да го истражи министерството тогаш нема потреба ни од него ниту од инспекторатот. Казните се секогаш решение . На човек можеш со зорле да му земеш но со сила не можеш да му дадеш. Загадувачот плаќа, тоа е правило кое се користи во Европа и во Светот,“ рече д-р Коциќ.
Анализите од мострите кои во саботата инспекторите ги земаа, од Вардар и од каналот со отпадни води над ЈКП „Дервен“, се испратени на испитување во сертифицирана лабораторија во Скопје со која општина Велес имала потпишано договор.
Денеска инспекторката за заштита на животна средина Билјана Шуркова Манаскова вели дека постапката трае 14 дена и резултатите треба да стигнат наредната сабота.
Тие ќе треба да откријат дали имало и кој е виновен за последното загадување на водата во Вардар кај Велес./Б.Н