Децата ми питаат оти мора да преживееме, ќе се самоубијам ако ми ги одземат!
Самохраната мајка Азира Елмазова, со петте деца од кои едно двомесечно бебе остана да живее на улица, вели дека институциите затаиле и бара помош.
Обични, но недостижни желби има 32 годишната велешанка Азира Елмазова. Потресната приказна ја раскажа за Дума.мк. Од пред неколку дена нема покрив над главата, не плаќала кирија па ја избркале газдите на куќата кај Црна Џамија, каде со своите пет деца живеела под кирија.
„Врнеше, јас на улица со децата околу мене седев и плачев. Дојде еден човек ме запраша што ми е? Веднаш штом му кажав ми ги даде клучевите од неговата куќа, тој замина за Црна Гора на дваесетина дена, но кога ќе се врати ќе ме избрка од тука, што е нормално“, низ солзи раскажува Елмазова.
Таа сега престојува во куќата на улицата Богдан Каракостев. Но, стравува дека кога ќе се врати стопанот, ќе биде на исти маки како од пред неколку дена.
„Самохрана мајка сум, а децата ми се на тринаесет, осум, шест, две години и најмалото бебе има само два месеци. За парче леб морав да бидам со човекот од кого ми е последното дете. Се роди со искривено ноже, докторите ми рекоа дека е од што сум се мачела во бременоста. Носев дрва на грб, собирав пластика и работев што ќе стигнам само за да ги прехранам децата“, рече Елмазова.
Таа зема само социјална помош од две илјади денари. Децата не ги праќа на училиште бидејќи се голи и боси, а нема пари за да им купи алишта. Моли за помош, но и покрив над глава.
„Бев во социјалното, ми помогнаа со еднократна помош, директорката пари од џеб ми даваше. Сакаа да ме испратат во прифатилиштето за бездомници во Катланово, но било опасно за децата кои се мали. Ме испратија кај градоначалникот, но таму не можам да чекам за прием бидејќи сум со мало дете. Еднаш и од Црвен Крст ми помогнаа за храна, но од тогаш ништо“, вели Елмазова.
Сон на оваа самохрана мака и е општината да и овозможи да живее во бараките во населбата Тунел, каде се згрижени жителите од Рамина. Но има и друг желби, децата да имаат што да јадат, да се облечат и да се запишат на училиште за да не останат неписмени како што е таа. Но, реалноста е многу посурова. Заминавме од куќата каде престојува додека таа остана со мислите, што може да му се случи на 8 годишното синче кое беше на питачење по велешките улици. Не испрати со зборовите, децата ми се се што имам и ќе се самоубијам ако ми ги однесат во дом.