Црвен картон за Панчо Минов од СДСМ
Независниот кандидат за градоначалник на Кавадарци, Панчо Минов не е повеќе член на општинската организација на СДСМ Кавадарци.
Тој е исклучен од партијата со одлука на извршниот одбор поради , поради повреди на статутот на СДСМ со неговото кандидирање како независен кандидат без согласност од партијата, а и затоа што не ги почитувал одлуките и ставовите на органите на СДСМ. Панчо Минов стана два пати народен пратеник и два пати градоначалник на Кавадарци, подржан токму од СДСМ.
На прес конференцијата беа упатени бројни прашања до Минов на кои што кавадаречката јавност морала да добие одговори, a беше објавен и анкетниот лист од Државна комисија за спречување на корупцијата.
„Се работи за обичен тројански коњ на ДПМНЕ во Кавадарци кој што глуми опозиција. Е сега, дали Панчо Минов стана пулен и марионета на ДПМНЕ уште за време на неговиот втор градоначалнички мандат кога на повеќе директорски позиции постави кадри на ДПМНЕ? Дали кривичните пријави кои ги има се причината поради која тој глуми опозиција? Дали неговата сопруга е сеуште директор на Средното земјоделско училиште поради тоа што е добар менаџер, или поради тоа што Панчо Минов добро менаџира со ДПМНЕ? “ рекоа на прес конференцијата социјалдемократите од Кавадарци.
За нив било нејасно како можело Минов да делува како опозиционер без притоа да му фали ни влакно, да има неколку кривични пријави, а и неговата сопруга сеуште да била директор на средно училиште во Кавадарци. СДСМ смета дека Панчо Минов ќе бил само искоритен од ВМРО-ДПМНЕ.
“Панчо Минов треба да и даде одговор на кавадаречката јавност од каде му е станот во Скопје од 165 м2 купен во 2005 год , од каде му е дуќанот во центарот на градот, од каде му е скапата кола, од каде му се акциите во повеќето компании , од каде му се банкарските депозити, а сето тоа во услови кога народот нема леб да јаде. Ова не се никакви измислици, ниту работи извадени од ракав. Ова се податоци за неговата имотна состојба превземани од Државната комисија за спречување на корупцијата, податоци дадени токму од него, “ рекоа кавадаречките социјалдемократи./ А.Д