Во Кавадарци „врие“ од кандидати за градоначалници и носители на советнички листи!
Така не е во останатите градови во Тиквешкиот регион во кои до денеска не е поднесена ниту една кандидатура за градоначалник или советничка листа.
На 24 март ќе се одржат локалните избори. Сеуште е неизвесно дали власта ќе оди сама на избори ,со неколку независни советнички листи и независни кандидати за градоначалници или и опозицијата предводена од СДСМ ќе учествува во изборната трка.
Во Кавадарци има повеќемина претенденти за освојување на локалната власт. Според информации од ОИК досега се доставени 7 независни листи за советници и три кандидатури за градоначалник. „Во моментот општинската комисија работи на формирање на избирачките одбори и изготвување на решенија,“ рече претседателката на ОИК, Марија Јованова.
Официјално е дека поранешниот градоначалник на Кавадарци во два мандати, актуелен советник и поранешен пратеник Панчо Минов ќе бара подршка од граѓаните за уште еден мандат за татко на градот. На локалните избори ќе има и своја советничка листа чиј носител е Златко Јованов поранешен директор на ОМБУ „Лазо Мицев Рале“.
Бетиан Китев е кандидат за градоначалник на СДСМ и опозицијата. Дали тој и советничката листа на опозицијата ќе влезат во изборната трка засега не се знае. Така ќе биде најверојатно до сабота, 16 февруари кога истекува законскиот рок за поднесување на кандидатури во ОИК.
И ВМРО-ДПМНЕ тактизира. Раководството сеуште неможе да се одлучи дали актуелниот градоначалник Алекснадар Панов ќе добие шанса за втор мандат или во трката за градоначалник ќе се вклучи претседателката на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Горица Пеливанова. Не се знаат ниту кандидатите кои ќе се најдат на советничката листа на владеачката партија.
Зоранчо Бојковски подржан од “Граѓанска опција за Кавадарци“ е исто така кандидат за градоначалник. Носител на неговата советничка листа е Олијана Крстева.
Кандидатура за градоначалник поднесе и поранешниот лидер на лозарите Борис Давидов. Тој нема своја листа на советници.
Тоа пак го имаат актуелните членови на Советот на општина Кавадарци Ташо Радњански и Ристо Сакалиев. Тие се носители на две независни советнички листи.
Во Неготино засега до ОИК нема официјално доставено ниту една кандидатура.
Неофицијално постоеле две советнички листи. Општинската комисија ги формира избирачките одбори и веќе им се доставуваат решенија. Актуелниот градоначалник Пане Трајков не ја доби подршката од раководството на партијата за втор мандат. На избори ВМРО-ДПМНЕ ќе оди со актуелниот пратеник Ванчо Апостолов, а д-р Силвана Филипова е кандидат за градоначалник на СДСМ и опозицијата но не е извесно дали ќе се вклучи во изборната трка.
Во Росоман власта оди на втор мандат со актуелниот градоначалник Стојанче Лазов, опозицијата засега е без утврден кандидат.
На уште еден, четврти мандат, доколку добие виза од партијата се надева и градоначалникот на Градско, Глигур Коцев./А.Д