Спречен грабеж на златара во Кавадарци! (обновено)
Крадецот, со фантомка на главата и пиштол во рацете, го фатиле случајни минувачи и го предале на полицијата.
Случајни минувачи рано утрово, околу 4 часот, на главната улица Илинденска спречија грабеж на златара.
Тие го слушнале вклучениот аларм и виделе дека е скршено стаклото на влезната врата на златарата „Перо“ во која разбојникот се обидувал да ги собере часовниците кои биле изложени во излогот.
Веднаш потрчале, влегле во златарата и го фатиле крадецот кој испукал два пати од пиштолот што го имал.
Но тоа воопшто не ги исплашило двајцата кавадарчани кои потоа случката ја пријавиле во полиција.
Полицајците одма стигнале на лице место бидејќи полициската станица се наоѓа на стотина метри од локацијата на златарата. Неофицијално дознаваме дека полицијата веќе работи со крадецот. Се работи за лице од Кавадарци, дваесет и петгодишниот Д.К. Тој успеал да одземе стотина часовници.
„ Крадецот го скршил стаклото, се вклучил алармот а тој не се откажал од грабежот на часовниците. Не го поколебале ниту камерите во дуќанот кои се снимаат. Штета имам дополнително ќе знам колкава е,“ рече сопственикот на златарницата Петре Глигороски.
Според Глигороски златото се наоѓало во сеф а крадецот немал време да стигне до него. Доколку успеал да ги однесе часовниците крадецот ќе направел штета од десетина илјади евра. Сега штетата е помала бидејќи се однесува само на часовниците кои се оштетени, откако крадецот бил спречен во намерата да побегне и паднале на земја.