Манастирот кај Раштани ги спријатели Маријан и Неџбедин (видео)
Меѓусебната помош и почитување меѓу двајцата пријатели пример за соживот.
Ова е манастирот Пресвета Богородица кај велешко Раштани. Го изгради велешанецот Маријан Зафиров кој раскажува дека му се сонило како токму на ова место треба да изгради комплекс манастири. Но, само што ги удрил темелите стигнала помош и од соседните села во кои живеат муслимани.
„Доаѓаат луѓе од Бузалково, ми донесоа песок и камења од џамијата, им останале па ме прашаа дали може да ти ги дадеме тебе. Без разлика од каде се материјал е за работа и се разбира дека ги земав“, вели Маријан Зафиров.
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=mcWlHmaHEtI{/youtube}
Така случајно се спријателил со Неџмедин Ибраими. Тој минувајќи покрај манастирот сам се понудил да помоне во неговата изградба. Сега со уште деветмина работници од неговата градежна фирма, иако не се христијани секој момент кога немаат работа го користат за да стават по некоја тула на останатите манастири кои се во изградба.
„Го гледаме се труди сам човекот и кога имаме време доаѓаме да му помогнеме. Работиме некаде, па имаме пауза и во тој период доаѓаме на изградба на манастирите. Не сеакаме надокнада иако маријан никогаш не не остава без ручек, вечера, сам се спрема па дури и ќе ни даде по некој поклон од црквата. Вели од народ за народ“, рече Неџмедин Ибраими.
Одамна започнало пријателството меѓу Маријан и Неџмедин кое трае се до денес. Веруваат во различен Бог, но тоа не им пречи меѓусебно да си помагаат, како и нивната помош несебично да ја делат и на останатите луѓе.
„Се трудам колку што можам и не можам, а сите дарови кои се поклонуваат тука во манастирот, а кои не можам да ги искористам јас ги поклонувам на луѓе на кои им е потребна таа помош без разлика ако се муслимани или пак од некоја друга вера“, рече Зафиров.
„Името господова каде што се споменува, без разлика дали е православно, католичко или муслиманско не е битно, важно е да се возвиши. Без разлика дали е црква или џамија битно е да се почитува верата и на другиот“, рече Ибраими.
Се надеваат дека ќе бидат позитивен пример за луѓето кои живеат во земјава. Порачуваат да се почитуваат без разлика на верската и националната припадност, бидејќи само така ќе градат цврсто мостови на меѓусебно пријателство.