Кавадарци: “Каков дедо таков внук. Каков татко чурук син“
Се мајтапеа вечерва кавадарчани на традиционалната коледарска манифестација.
“Дедо цепе бурина си пресекол ку…а“ и многу други коледарски „мрсни песни“ покрај огновите испеаја во оваа саботна вечер Кавадарчани. Дождот иако ја промени локацијата на одржување на фестивалот на шегата, наместо на отворено сепак во салата на домот на културата, манифестацијата собра голем број на почитувачи на хуморот и сатирата. Годинава во градот по четврти пат, на Коледе, се слушнаа многу вицови и шеги, а за најдобрите имаше и награди.
Златко Вузевски-Паја е прогласен за Витез на вицот и шегата. Актерот на кавадаречкиот театар Диме Коцевски со дружината ја доби првата награда и три илјади денари. Вицот на Панче Арсовски според жирито освои втора награда и две илјади денари, а Стево Спасов ја освои третата награда. Имаше и “мрсни“ и “посни“ вицови кои до солзи ги намеаа Кавадарчани. Нивните коментари беа дека наградите заминаа во вистински раце кај мајсторите на шегата. И никој никому вечерва не се налути, не замери и покрај тоа што хумор, шега и сатира се правеше на сметка на секого, на јавни личности и обични луѓе.
Во исто време низ кавадаречките маала пламнаа коледарските огнови. Таму се пие ракија и вино, а многу коледари развија и оро. Мирисот на печени колбаси и месо на скара се насетува насекаде. Пуктоници од петарди и вечерва одекнуваат од секој крај на градот. Кавадарчани коментираат дека традицијата мора да се почитува и да не изостане дружењето меѓу соседите и пријателите. Христијанското и пагнаското и годинава се заедно. На огновите не се само мажите, тука има и жени и деца. Ако се суди по минатите години нема дилема Кавадарчани до утринските часови ќе останат покрај огновите.