Адвокат од Велес фалсификувал уплатници со такса за тужби!
За дваесет дена успеал да направи фалсификат на 80 уплатници кои ги поднел во архивата на велешкиот суд заедно со тужби од граѓани, негови клиенти.
Адвокатот, во банка уплаќал 80 наместо 480 денари на име на судски такси на сметката на буџетот на Република Македонија. Потоа на уплатницата со хемиско пенкало ја допишувал бројката 4 пред уплатените 80 денари и ја приложувал во архивата на судот. Станува збор за уплатници кои заедно со тужби биле поднесувани во име на велешани што го тужат ЕВН за наплата од 6 денари на име на манипулативен трошок.
Уплатниците веднаш им станале сомнителни на вработените во архивата на судот. За да се осигура во валидноста судот побарал потврда од банката во која била реализирана уплатата за платена судска такса.
„ Од банката добивме документ на кој стои дека сумата што адвокатот ја уплаќал на име на граѓаните што ги застапувал не изнедува 480 туку само 80 денари. Се потврди она во што првично се посомневавме дека во судската архива ни се доставени фалсификувани уплатници. Случајот го пријавивме во полиција“, рече претседателот на Основниот суд во Велес, Јордан Лазаров.
Од СВР Велес не открија детали за овој случај туку кусо соопштија дека работеле на негово документирање.
