Велешани со бизнис идеја добиваат нова шанса: Државата доделува грантови за самовработување

Објавено: 23 јуни, 2026, во 11:22 часот

Невработените лица од Велес кои имаат бизнис идеја и сакаат да започнат сопствен бизнис, можат да аплицираат за финансиска поддршка преку новиот јавен повик што го објави Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.

Станува збор за Програмата 1.1 Поддршка за самовработување (претприемништво) за невработени лица над 29 години, која е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2026 година.

Од Агенцијата за вработување информираат дека право на учество во програмата имаат невработени лица со најмалку завршено средно образование, а особено се охрабруваат да аплицираат:

  • невработени лица со попреченост;
  • корисници на гарантирана минимална помош над 29 години;
  • невработени лица над 29 години (мажи до 60 години и жени до 58 години);
  • жени жртви на родово базирано и семејно насилство;
  • лица кои сакаат да го формализираат својот неформален бизнис;
  • невработени лица од ромската заедница;
  • невработени лица повратници од странство.

Програмата обезбедува задолжителна обука за претприемништво и развивање бизнис вештини, ваучерска поддршка за изработка на бизнис план и регистрација на компанија, како и неповратни средства во износ до 430.500 денари со вклучен ДДВ.

Грантот е наменет за набавка на опрема и материјали потребни за започнување на дејноста, согласно одобрениот бизнис план. За одредени категории корисници е предвидена и дополнителна менторска поддршка во период од шест месеци по основањето на бизнисот.

Заинтересираните велешани треба да се пријават во Центарот за вработување во Велес, каде што можат да добијат подетални информации за условите и постапката за аплицирање.

Рокот за поднесување на пријавите е до 3 јули 2026 година.

Од Агенцијата потсетуваат дека кандидатите задолжително треба да имаат активна електронска адреса, а право на учество немаат лица кои во минатото добиле грант за самовработување, како и лица кои во последните 12 месеци биле основачи и управители на фирма во истата дејност за која аплицираат.

Преку програмата нема да се поддржуваат бизниси во дејностите такси превоз, финансиски и осигурителни услуги, игри на среќа, приватни агенции за вработување, како и одредени земјоделски дејности, освен во случаите предвидени за лица со попреченост и жени од рурални средини.

Повеќе информации заинтересираните граѓани од Велес и од останатите општини во државата можат да добијат во центрите за вработување, преку контакт центарот на Агенцијата за вработување или на нивната официјална веб-страница.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.