Следбениците на славните Гемиџии испловија во близина на Солун, „Вардарска регата“ од годинава со меѓународен карактер

Објавено: 23 јуни, 2026, во 12:21 часот

Некогаш на гемии, сега во чамци, од Велес до Солун во пет дена. И годинава учесниците на традиционалната Вардарска регата „Гемиџии“ ја завршија пловидбата по реката Вардар.

„Оддадена е почит кон велешките Гемиџии. Го исполнуваме нивниот аманет да положиме еден цвет“,изјави Ангелче Гушев, еден од организаторите и учесниците на 26-тата гемиџиска регата. Годинава на оваа традиционална манифестација учествуваа  65 учесници на 15 пловила. По стартот на регатата, од пред споменикот на Гемиџиите кај Мало Мовче во Велес , успешно на петтиот планиран ден стигнаа на целта, пред црквата „Свети Никола“ која се наоѓа на 8 км пред Солун, во Грција. Сега сите учесници само што ја поминаа грчко – македонската граница на преминот Езони. Тие се на пат кон Велес

Инаку, местото на пристигнување поточно црквата „Свети Никола“ пред Солун има силна историска симболика. Токму до овде некогаш стигнувале и  велешките трговци со своите гемии, носејќи стока што потоа ја продавале на солунскиот пазар.

Ова е трета година во која што се плови на релација од Велес до Солун, градот во кој велешките Гемиџии во 1903 година, ги изведоа познатите акции врз Отоманската банка, поштата и францускиот брод „Гвадалкивир“, со цел да го свртат вниманието на европската јавност кон македонското прашање и борбата за слобода.

Вардарската регата е единствена во Македонија која е членка на Балканската рафтинг федерација. Годинава покрај учесници од Македонија допатуваа во Велес и учествуваа тимови  од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Соединетите Американски Држави.

Дијана Иванова

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.