Во Македонија дожд, во Европа снег!
Променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, претежно во источните делови на Македонија, најавија за денеска метеоролозите. Утринската температура ќе се движи од 8 до 15 а дневната од 14 до 21 степен. Во Македонија ќе дува умерен до засилен ветар од западен правец. Слично време со дневна температура од 17 степени е најавена во Скопје.
Од АМСМ соопштија дека сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива непречено, по влажни коловози. Ги предупредија возачите да ја прилагодат брзината на условите на патиштата и особено да внимаваат на делниците Велес – Катланово, бидејќи патот е во изградба, како и на Демир Капија – Удово, Дебар – Струга и Маврово –Струга каде е можна појава на помали одрони на патот.
И додека во Македонија врне дожд, зимата, веќе создаде први проблеми во Хрватска каде температурата драстично падна и снег ги завеа планинските а потоа падна и во пониските делови на државата. Во текот на вчерашниот ден, снежна покривка од неколку сантиметри ги покри Вараждинската и Меѓумурска жупанија, јавија хрватските медиуми.
Првиот снег и температурата, која се симна под нулата, земаа три жртви во Полска. Во југоисточниот дел на државата од смрзнување починаа двајца мажи, на возраст од педесет и две и педесет и шест години. Тие биле под дејство на алкохол, соопштија од полицијата во Полска.
Обилните врнежи од снег и силниот верат, вчера, оставија без струја десетици илјади граѓани во француските Алпи и на југот на Франција. Го предизвикаа и исчезнувањата на дванаесет годишно момче и на еден сурфер.