Инсекти од дрвореди им ги затворија терасите на велешани во зграда на улица „11 Октомври“, општината велат не интервенира

Објавено на 17 мај, 2021 во 15:56

Јата птици и разновидни инсекти им создаваат проблеми на станарите кои живеат во зграда на улица „11-ти Октомври“ , во Нова населба Велес. Поточно нивните домови се лоцирани позади трговскиот центар, пред самиот влез на покриениот градскиот пазар во градот. Сопствениците на домови во петкатницата со број 3, за главен проблем ги посочуваат  високите дрвја на кои раширените крошни навлегуваат во нивните тераси. Токму преку гранките, инсектите и мравките лазат на нивните тераси додека птиците кои свиле гнезда во внатрешноста на крошните се причина за пердуви и измет.

Станарите велат дека своите тераси освен што ги чистат не можат да ги користат ни за седење, ниту за простирање на алишта.

– Се соочуваме со проблем кој се однесува на огромни дрвја пред нашата зграда. Истите претставуваат проблем затоа што навлегуваат скоро во нашите тераси и во текот на летниот период постојано се соочуваме со бубачки, комарци, јата птици, оси и пчели. Не можеме да се одбраниме и скоро да е невозможно да изнесеме било штп на терасите. Овој простор не го користиме ни во лето, ниту во зима, рекоа станарите.

Според нив, тие за проблемите три години безуспешно барале решение од општината и од јавното комунално претпријатие „Дервен“.

-Ние испраќаме барање со цел да се средат дрвјата.  Не баравме тие да се сечат и острануваат. За нас е  доволно само да се искастрат гранките на крошните кои ни создаваат проблеми. Три години не можат да најдат никакво решение со општината или пак со ЈКП „Дервен“.  Претставници на општината, минатата година дојдоа и извршија увид. Тие  разговараа со нас, со станарите  и заклучија дека дрвјата навистина ни создаваат проблеми и потребно е да се преземат активности за нивно средување, додадоа станарите.

Но ниту по три години гранките на дрвјата не се искастрени и проблемот на овие граѓани не е решен.

Дума.мк денеска  побара став од Општина Велес, но до затворањето на веста не доби одговор на поставените прашања, кога и кои ќе интервенира за да се реши три годишниот проблем на станарите на зградата број 3, на улицата „11 Октомври“.  Добиениот одговор од страна на општината ќе биде објавен штом службите го испратат до Дума.мк.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.