Политичката криза и инвестициите!?
Доколку потрае политичката криза постои опасност странските инвеститори да ја напуштат Македонија и своите бизниси да ги преселат во други држави, предупредуваат економистите. Анализите покажуваат дека изминатата година токму поради кризата бил намален економскиот раст и имаше пад на бруто домашниот производ.
Доколку за оптимален временски период не се најде решение за излез од политичката криза постои опасност за повлекување на странските инвеститори од државата, предупредуваат експертите. Инвеститорите, покрај поволна бизнис клима бараат и стабилен политички систем кој ќе им гарантира сигурна подлога за развивање на бизнисот, вели економскиот аналитичар Благица Петрески.
„Неизвесноста е главен ризик кој може да ги одвлече инвестициите од земјата, односно да го одложи моментот на влегување на нови инвеститори во земјата. Политичката криза најсилно влијаеше на бизнис климата. Во изминатата година забележавме дека економскиот раст беше стопен за најмалку еден процентен поен, како резултат токму на кризата.“, изјави Благица Петрески.
Аналитичарот Горан Мојановски вели дека странските инвестиции имаат добар удел во бруто домашниот производ, а во изминатите години во слободните економски зони се вработиле околу 3200 лица. Затоа е важно, вели Мојановски да се обезбедат услови, инвеститорите да останат во земјата.
„Истражувавме девет компании кои вработуваат 9617 лица. Овие компании само во 2014-та имаат исплатено околу 30 милиони евра по основ на плати и надоместоци.“, изјави Горан Мојановски.
Техничкиот Заменик Министер за финансии Кире Наумов, вели дека надлежните институции треба да бидат поотворени и потранспарентни за субвенционирањето на странските инвестиции како и за начинот на кој тие влегуваат во слободните економски зони.
„Очигледно овој начин на привлекување инвеститори е препишан од источните земји каде што знаеме дека ресурсот на многу луѓе е можност за евтина работна сила.“, изјави Кире Наумов.
Во изминатите години Македонија ги отвори вратите за бројни инвеститори. Најголем дел од нив отворија фабрики во индустриската зона Бунарџик, како што се Ван-Хол , Џонсон Мети и Џонсонс Контролс.
Извор: ТВ 21