Данска ќе гради вештачки остров на кој ќе можат да живеат 35.000 граѓани !
Членовите на данскиот парламент го одобрија нацртот за изградба на големиот вештачки остров Линетехолм, на кој ќе живеат 35.000 граѓани и кој ќе го заштити пристаништето Копенхаген од покачување на нивото на морето.
Според Би-Би-Си копното и островот ќе бидат поврзани со бајпас, тунели и подземна железница, а одобрувањето на данскиот парламент значи дека островот, со вкупна површина од 2,6 квадратни километри, би можел да започне да се гради кон крајот на оваа година.
Активистите за заштита на животната средина се противат на изградбата на Линетехолм затоа што стравуваат дека проектот може да има негативно влијание врз природата.
Тие сметаат дека Линетехолм би бил опкружен со брана што ќе го заштити пристаништето Копенхаген од зголемувањето на нивото на морето и невремето. Доколку се следи предложениот план за имплементација на проектот, темелите на островот треба да бидат поставени до 2035 година, а тој ќе биде завршен до 2070 година.
Активистите за заштита на животната средина поднесоа тужба против проектот Линетехолм до Судот на ЕУ во Луксембург. Една проценка на влијанието врз животната средина сугерира дека 350 камиони полни со суровини би минувале низ Копенхаген секој ден за време на изградбата на островот.
80 милиони тони земја за островот
Локалните медиуми пишуваат дека околу 80 милиони тони земја треба да бидат испорачани на планираната локација на Линетехолм. Така треба да се создаде островот. Активистите, исто така, се загрижени дека изградбата на островот ќе доведе до движење на талог и дека градбата може да влијае на околните екосистеми, како и на квалитетот на водата.
Данската радио-телевизија, пренесе дека демонстрантите се собрале пред зградата на Парламентот во Копенхаген, во петокот, за време на одобрување на нацртот за Линетехолм. Нацртот бил изгласан со 85 гласа „за“ и 12 „против“.
Демонстрантката Ева Ларсен изјави дека е многу загрижена за потенцијалното зголемување на сообраќајот на камиони во Копенхаген. Николас Волхед изјави дека одлуката за Линетехолм не требало да биде донесена пред локалните избори во ноември.
– Овој проект, најголемиот во историјата на Копенхаген и еден од најголемите инфраструктурни проекти во историјата на Данска, беше поставен на таков начин што не добивме можност да го коментираме, додаде Волхед.
Карина Кристенсен, претседател на Здружението за патен транспорт на стоки, изјави дека материјалите потребни за изградба на Линетехолм може да се доставуваат со методи кои не се толку штетни за животната средина, но дека таквите методи прво мора да бидат одобрени од државните службеници.
– Електричните камиони не произведуваат јаглерод диоксид и бучава, но тие се поскапи и транспортот со нив ќе трае подолго,додаде Кристенсен.